Финансии 29.08.2018 13:35

Препораки за законски измени за сметководството

Препораки за законски измени за сметководството

Законот за сметководство на непрофитните организации ги пропишува сметководствените принципи и правила, како и основните финансиски информации по кои известуваат граѓанските организации.  15 години по неговото донесување и функционирање утврдена е потребата од измени и во Законот и во подзаконските акти.

Ова го покажува Анализата на Законот за сметководство на непрофитните организации изработена од Центарот за даночна политика (ЦДП) во рамки на проектот „Промени за одржливост“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од Конект во партнерство со Фондација Аполонија и ЦДП. Анализата претставува основа за законски измени што ги бара Мрежата за финансиска одржливост на граѓанските организации која брои 79 членки. Препораките во анализата се подлога за започнување на дијалог со институциите за менување на Законот. Анализата е испратена до институциите за да им користи при дефинирањето на идните измени на Законот.

Дел од препораките за  законските и подзаконските измени се:

  • усогласување на Законот со Правилникот за сметководството на непрофитните организации;
  • редефинирање или донесување на нов правилник за формата и содржината на Сметковниот план;
  • дополнување и промени во Сметковниот план;
  • укинување на обврската за годишна ревалоризација на долгорочните средства;
  • во насока на зголемување на транспарентноста на финансиските извештаи, покрај извештајот, се препорачува доставување и на наративен дел и белешки со објаснување;
  • прецизно дефинирање на критериумите за утврдување на „микро“ непрофитни организации кои што не се обврзани да поднесуваат завршна сметка;
  • пропишување на критериуми за утврдување на големи непрофитни организации и обврска за ревизија на нивните финансиски извештаи, итн.

Според анализата, ефикасноста на финансиските и на даночните контроли би се зголемила со подобрување на транспарентноста којашто е од клучно значење за привлекување на нови фондови и извори за финансирање. Преку зголемување на транспарентноста се подига довербата во мисијата и остварените резултати, а со тоа организацијата го зголемува својот капацитет за апсорбирање на нови финансиски средства. Дополнително ова е во согласност со насоките за поддршка на ЕУ на граѓанското општество во земјите од процесот на проширување 2014-2020.

Во рамки на Анализата беше спроведена и анкета помеѓу испитаници од 70 различни  граѓански организации преку која се овозможи идентификување на потенцијалните недостатоци и делови кои создаваат конфузија во примената на Законот.

Ова е прва Анализа на Законот за сметководство на непрофитните организации донесен 2003 година и поттикнува инволвирање и на други учесници за постигнување на подобра правна рамка.