Шефот Џејми Оливер, познат во целиот свет како „Голиот готвач”, призна дека нема повеќе пари за да го спаси синџирот италијански ресторани што западнаа во финансиски проблеми.
Синџирот ресторани на Оливер беше на работ на банкрот минатата година, објави „Дејли мејл”, пред да инвестира 12,7 милиони фунти или 14,3 милиони евра лична заштеда за да го спаси бизнисот.
А кога го прашале дали повторно ќе го стори истото, во случај неговите ресторани да западнат во неволја, Оливер одговорил: „Немам повеќе пари”.
Но, бидејќи неговите кулинарски емисии се гледаат во 60 земји во светот и се продадени повеќе од 60 милиони книги, дури и ако неговиот синџир ресторани пропадне, Оливер веројатно нема премногу причини за загриженост.
Освен бизнисот, Оливер во последниве години беше многу активен во социјалната кампања за подобра и поздрава храна за учениците во британските училишта. За таа цел, тој обезбеди 500 милиони фунти од британската влада. Покрај тоа, неговата меѓународна петиција за задолжително образование за храната во училиштата собра повеќе од 1,5 милион потписи.