Финансии 21.09.2023 09:03

Просечната плата во јули – 36.286 денари

Просечната плата во јули – 36.286 денари

Вредноста на просечната плата во јули е 36.286 денари, или 590 евра. Бруто-износот, пак, исплатен по вработен, е со просек од 54.434 денари (885 евра).

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули, а во однос на истиот месец минатата година, изнесува 114.1.

Зголемувањето произлегува, пред сѐ, од движењата кај просечните плати исплатени на вработените во секторите градежништво (19,5 %), образование (17,2 %) и јавна управа и одбрана, и задолжително социјално осигурување (16,8 %).

Во однос на претходниот месец, статистиката евидентирала намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен (7,9 %), финансиски дејности и дејности на осигурување (5,3 %) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,6 %).

И натаму највисок е просекот во секторот информации и комуникации – 69.322 денари, што е повеќе од 1.100 евра. Секако, овде врз просечната плата значително е влијанието на програмерските примања, кои во јули се со просек од 91.970 денари или 1.500 евра.

За споредба со просечната плата, во јули минималната синдикална кошница чинела 48.620 денари (790 евра).