Не може во Европа со криминални тендери, не може во Европа со крвави иновации, таму такви не примаат, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот протестен марш во Кочани.
-Во Европа не примаат фамилијарни кланови каде брат на брата парцели дава, за да млати милиони. Такви примери во Европа нема. Прво треба тоа да го промениме, а потоа да работиме пет пати повеќе и тогаш ќе отидеме во Европа. Со подвиткана кичма и изгубено достоинство, пљачка и криминал, Европа не нè сака. Тоа треба на сите да им е јасно. Па дури и да се промениоме скроз, не само името, комплетно да се промениме, ако не успееме ова да го поништиме, ние во Европа не можеме да отидеме. Треба тоа на сите јасно и гласно да им се каже. Мора да работиме. Мора чесно, одважно, достоинствено да работиме. Мора да сме принципиелни и честити. Само такви во Европа ќе отидеме како горди Македонци од Македонија, а не понижени и омаловажени од овие лопови, од овие криминалци, порача Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со Влада во која има криминалци, Македонија не може да влезе во Европа.
-112-то место сме на скалата според перцепција на корупцијата. Танзанија и Етиопија се позади нас. Зарем така во Европа ќе одиме? Секаде во Европа државата се бори против криминалот, само во Македонија криминалот и криминалците се држава. Мора да ги избркаме од Владата ако сакаме во Европа. Дури тогаш можеме да одиме напред, порача Мицкоски.