Комисијата за хартии од вредност уште понагласено ќе се залага за одржување на пазарното опкружување кое ја оправдува довербата на инвеститорите и се карактеризира со транспарентност и со интегритет, а во спроведувањето на своите регулаторни овластувања, на инвеститорите, учесниците на пазарот и на сите други и во наредниот период ќе им пристапува праведно во согласност со закон. Ова го изјави Нора Алити, повторно избраната претседателка на КХВ, на првата конституитивна седница со новиот состав – Васко Пејков и надворешните членови Кирил Јовановски, Зоран Колев и Деан Стојановски.
При разгледувањето на приоритетите, претседателкaта Алити нагласи дека натамошната институционална транзиција на Комисијата за хартии од вредност и на пазарот на капитал во “второто поглавје” – европската интеграција е незапирлив процес. Во тој контекст треба да се заокружи и да се заврши процесот на хармонизирање на домашното законодавство со легислативата на ЕУ преку донесување на целосната подзаконска регулатива за практична имплементација на новите закони за пазарот на капитал, кои ја поминаа фазата на јавна расправа.
Исто така, ќе се продолжи со надградба на апликативните софтвери и со примена на вештачката интелегенција во процесите, а континуитетот во подигнувањето на финансиската писменост и таргетираниот фокус на младите за изучување на предметот за пазарот на капитал во формалното средно образование останува предизвик кон кој знаењето и ескспертизата со кои располага Комисијата, и во иднина ќе бидат насочени.
Освен тоа, КХВ ќе ги поддржува сите иницијативи кои значат раст и развој на пазарот на капитал и ќе презема се што е во нејзин дoмен за тие да се имплементираат со видливи резултати.