Македонија има голем потенцијал за консолидација на земјоделското земјиште, велат експертите. Откако почна да се спроведува со поддршка на Европската унија и ФАО, овој процес стана целосно функционален, но фрагментираноста на парцелите и натаму е сериозен предизвик.
Досега, во рамки на првиот стратешки период од една деценија што веќе измина, се консолидираа околу 3.000 хектари од проценетите 40-50 илајди хектари кои приоритетно треба да се консолидираат. Моментно се подготвува и новата стратегија за консолидација, до 2030 година.
Кај земјоделците, па и кај сопствениците на обработливи површини кои не се занимаваат со земјоделско производство, полека се зголемува довербата дека ништо нема да изгубат доколку одлучат земјиштето да го дадат на консолидација. Во некои региони од државата, дури почнаа и самоиницијативно да поднесуваат предлози за окрупнување на површините, истакнуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Според ФАО, историските фактори и традиционалните практики се клучни причини за расцепканоста на земјоделското земјиште во државава.
Последните податоци покажуваат дека просечната големина на парцелите во приватна сопственост е 0,32 хектара, а на парцелите во државна сопственост 0,56 хектари. Просечната големина на фармите е 1,8 – 1,9 хектари за разлика од просекот на ЕУ кој изнесува 16,6 хектари. Малите земјоделски имоти се расцепкани на пет или повеќе парцели со поединечна големина меѓу 0,25 и 0,6 хектари и меѓусебна оддалеченост од 500 метри до два километра. Во многу случаи се наоѓаат и во различни катастарски општини. Површините се најчесто со неправилна форма, што ја комплицира обработката на земјиштето и ја ограничува употребата на модерна механизација и производствени технологии.
„Кога почнувавме со консолидацијата, ни велеа ‘nикогаш нема да успеете да натерате Македонци да се договорат за нешто’. Тоа беше едниот аспект, а вториот се однесуваше на немањето доверба во државата. Не ви веруваме, буквално така реагираа земјоделците. Но, денес, ситуацијата е драстично променета. Кога повеќето земјоделци видоа што всушност значи консолидацијата и дека од тоа не само што нема да бидат оштетени, туку и ќе имаат конкретен бенефит, го сменија мислењето“, нагласуваат експертите од ФАО.
Тие потенцираат дека процесот се спроведува исклучително внимателно, врз основа на претходни длабоки анализи и разговори со сопствениците на парцелите. Земјиштето се оценува пред и по консолидацијата зашто никој не смее да биде оштетен. Секој сопственик ја добива најмалку истата вредност на земјиштето како онаа со која влегол во постапката. Консолидацијата, според ФАО, подразбира не само окрупнување на земјиштето, туку и зголемување на стопанствата, а се прави онаму каде што ќе се утврди дека треба и дека е возможно, не во секое село. Притоа, особено се води сметка да бидат испочитувани и запазени сите законски обврски.
„Никој нема да ги оштети сопствениците на земјиштето. Дел од нив тоа веќе многу добро го знаат. Останатите, преку консолидацијата што ја спроведовме во пракса, видоа дека е навистина така. Гледаат дека сите ниви имаат инфраструктура – патишта до нивите, канали за одводнување и наводнување, дека земјиштето доби на квалитет (меѓу другото, правиме и педолошки, почвени анализи), како и дека цената му се зголемува – формата му е подобра, поголемо е, погодно за поголемо производство и модернизација, што автоматски значи и дека се продава поскапо. Сега веќе не прашуваат ‘зошто немаме пат до нивата или одводнување’, туку ‘зошто нема по неколку хидранти’, што е одлично и голем прогрес“, објаснуваат од ФАО.
Порано, потсетуваат, воопшто не постоеше законска рамка за модерна консолидација.
„Дефинитивно се менува менталитетот на земјоделците кои порано беа ‘принудувани’ на колективизација, комасација, арондација. Затоа и со задршка влегуваат во разговори за земјишните реформи што е сосема разбирливо. Веднаш мислат дека нешто ќе им биде земено. Но, процесот се спроведува успешно и во Министерството за земјоделство веќе доаѓаат иницијативи од земјоделци за консолидација во нови подрачја. При консолидацијата не е најважно само земјиштето да биде окрупнето, туку тоа треба да биде продуктивно, со модернизирано, конкурентно производство. Ова посебно се однесува на нашето претстојно членство во ЕУ каде ќе се соочиме со сериозна компетитивност“, оценуваат од МЗШВ и од ФАО.
Според ФАО, Македонија има и голем потенцијал за трансформација на неискористеното обработливо земјиште во продуктивно, за производство на различни култури. Но, анализите укажуваат и на многу напуштени површини.
Просечната стапка на напуштеност на земјиштето во Македонија е 32 отсто, со голема варијација меѓу регионите. Всушност, 32 процента од вкупното обработливо земјиште „зјае“, не се користи. Во моментов, најмногу такви површини има во крајниот исток и крајниот запад од државата.
И додека кај нас се уште се работи исклучиво на окрупнување на парцелите и процесот е релативно нов, во западните земји консолидацијата, која има 100-годишна традиција, освен за подобрување на земјоделското производство, се користи и за пошумување, менување текови на реки, заштита на животната средина и на археолошки подрачја.
Земјава, сепак, велат од ФАО, иако има мал процент консолидирани површини, претставува пример за други држави. Тие испраќаат свои претставници тука да видат како е поставен системот на консолидација и колку се земјоделците задоволни.
„Кај нас е голем бројот на сопственици на мали парцели. Ако, на пример, во некои европски држави процесот вклучува 20 сопственици на парцели чие земјиште треба да се консолидира, кај нас таа бројка е 1.000 сопственици на истата површина, што воопшто не е едноставно. Со консолидацијата во некои региони, површините се зголемија и за пет хектари, од еден, два или три, што споредено со Германија или Холандија е одличен степен на зголемување. Во консолидациското подрачје Спанчево се евидентирани над 160 трансакции со земјиште од почнувањето на проектот (2019 – 2022), а просечната големина на земјоделското стопанство се зголемило за 0,32 хектара кај 42 сопственика. Значително подобрување на обликот на парцелата е забележан во Егри, Дабјани, Трн, Логоварди, Оптичари и Спанчево. Парцелите по консолидацијата се зголемени за 2,9 пати (Спанчево) и 4,7 пати (Дабјани) или во просек, од 0,47 на 1,64 хектари. Најзначајно зголемување е забележано во Дабјани, со просечен пораст на парцелите од 1,23 на 5,84 хектари, велат од ФАО.
Националната стратегија за консолидација на земјоделското земјиште во Северна Македонија за периодот 2012-2020 година беше донесена во 2012 година, а во 2013 година во МЗШВ се формира Сектор за консолидација на земјиште и беше донесен Законот за консолидација.
Првиот пилот проект за консолидација на земјиштето се спроведе во две подрачја, Егри и Конче, од 2014-та до 2017 година, додека во 2018 година Законот претрпи измени со цел надминување на правните недостатоци идентификувани при пилотирањето на терен.
„Со Стратегијата се поставија основните цели: постепено надминување на неповолната структура на земјоделското земјиште како главен природен ресурс за економска активност во руралните средини со цел зголемување на конкурентноста на производството и подобрување на егзистенцијата, како и одржливо користење на природните ресурси. Се дефинираа и специфични цели: намалена расцепканост на земјиштето, подобрена форма на земјишните парцели, зголемена површина на земјоделските стопанства, подобрен пристап до земјоделската инфраструктура, решавање на напуштање на земјиштето преку окрупнување, овозможување интервенции во земјоделска инфраструктура – подобрување на патната мрежа, системите за наводнување и одводнување, како и подобрена заштита на животната средина и одржливо управување со природните ресурси во руралните средини“, објаснуваат од МЗШВ.
Напорите за консолидација се проширија преку проекти финансирани од Европската унија, ко-финансирани и имплементирани од ФАО, а во 2018 година се воведе и мерка за рурален развој за консолидација на земјиште.
Планираните средства преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој – Мерка 124 за периодот 2023 – 2026 беа во износ од 146 милиони денари.
Од МЗШВ и ФАО потенцираат дека земјава, во однос на консолидацијата, е единствена во Европа по тоа што го спроведува процесот низ демократско одлучување, со вклученост на сите сопственици на земјиштето.
Според најоптимистичките прогнози, се очекува Македонија до 2026 година да заврши 40 отсто од предвидената консолидација на земјоделското земјиште. () ()