Според најновиот извештај за извршување на буџетот за 2018 година за месец мај податоците во делот на капиталните трошоци се катастрофални. Имено, реализацијата на капиталните трошоци за месец мај изнесуваат едвај 14 %.
Експертите велат дека со вака слабата динамика на реализација на капиталните трошоци тешко дека Македонија ќе го достигне проектираниот раст од 2,3% за 2018 . Колку за информација овој раст беше намален од Светска банка и другите реномирани институции од 3,2 поради слабиот резултат на БДП во првиот квартал од поразителни 0,1 %.
Целата експертска јавност беше согласна дека слабиот старт на економски план во 2018 се должи на слабата реализација на капитални инвестиции и немањето на капацитет на Владата да ја раздвижи економијата преку вложување пари во капитални проекти.
Како што е евидентно истата пракса продолжува и во сите месеци иако Владата и економскиот тим ветуваа дека економијата ќе почне да расте и дека капиталните проекти се главна окупација на надлежните министерства и институции.
Слабата реализација на капитални проекти направи и пад во градежништвото кое е главна движечка гранка на македонската економија и двигател на БДП. Според податоците на Државниот завод за статистика само во првите 3 месеци имало пад на градежништвото од неверојатни 37 %.Огромниот пад на градежништвото од 37% во првите три месеци се случи поради тоа што власта ги сопре клучните инфраструктурни проекти кои пак се од стратешко значење на државата. Исто така задолжувањата кои владата ги прави не престануваат и никој не знае каде одат овие пари кои се земаат со огромни камати. Првото задолжување во јуни изнесуваше огромни 22,2 милиони евра додека второто изнесуваше 14 милиони евра но граѓаните не гледаат видливи и конкретни проекти од овие задолжувања. Само во месец јуни Владата ја задолжи државата за огромни 36 милиони евра.
Експертите велат дека владата нема капацитет да ја води економијата и дека од кога се на власт една година сите важни економски индикатори се катастрофално ниски . Вака слаба реализација на капитални проекти значи опасност за целокупната економија посебно поради фактот дека падот на градежништвото повлекува пад и на повеќе гранки кои се директно и индиректно поврзани .
Тие сметаат дека со вака слабо темпо на реализација на капиталните инвестиции на земјата и се заканува економски колапс и повторно катастрофален резултат на БДП за 2018 година односно дека постои опасност да не се постигне ни оној од 2,3 % . Инаку, за 2017 растот на БДП беше 0% а во првиот квартал од 2018 0,1% додека целокупниот регион и светот доживува економски бум.