Договорените 10 проценти покачување на платите од септември и исплата на К-15 утре ќе добијат амин на економско социјалниот совет. Сепак не сите синдикати се задоволни од заедничкото решение.
Дел од нив велат дека процентот е мал и не го покрива растот на трошоците за живот и високата инфлација од 14%.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими смета дека ова е системско решение за платите во јавниот сектор, кое е во интерес на вработените. Тој во колумна пишува дека ова е крупна реформа за која се потребни законски измени, нов колективен договор и утврдување на коефициентите.
– Најважната одлука која ја донесовме е системското решение за индексирање на платите во јавниот сектор со просечната плата. Усогласувањето на платата ќе се врши такашто просечната плата ќе се множи со коефициент. Со што ќе добиеме еден реален систем на плати, усогласени со состојбите на пазарот на труд. – вели Бесими.
Претходно незадоволство изразија синдикатите од судската администрација, царинската управа и ујп кои бараат 30 отсто повисоки плати и додатоци…Додека синдикалците се борат за неколку проценти покачување, функционерите ја чекаат четвртата покачена плата од 78%. Иако власта најави се уште нема системско решение за враќање на функционерските плати на нивото од март.