Каталонски референдум за независност – 43% излезност, 92% „ЗА“ но беше прогласен за неуспешен. Ова беше став на шпанската влада, на ЕУ и на целата меѓународна јавност. Едногласно оценија дека не бил постигнат потребниот цензус и приказната се затвори а организаторите дури беа изнесени на суд поради подривање на уставниот поредок на Шпанското кралство. Уште порадикален пример за запазување на крајната внимателност во врска со цензусот е референдумот во Колумбија за седум антикорупциски мерки кој беше одржан пред два месеци. Таму од 36,5 милиони луѓе со право на глас беше потребно да излезат само една третина, односно 12,2 милиони гласови. Се изјаснија 11,6 милиони па иако 99 отсто од нив беа „За“ прифаќање на мерките, референдумот не успеа и прашањето беше затворено. Колумбија е земја со распространета корупција, но изборот на граѓаните да не гласаат мораше да се почитува и никој не се осмели да се спротистави на нивната волја.
Алфа побара мислење од ОБСЕ во врска со различните стандарди и толкување на добрите референдумски практики, но од нивните претставници го добивме следниов одговор:
-Ние не ги споредуваме референдумите во различни држави, дури ниту различните избори во иста држава, па ист е случајот и со референдумот. Сметаме дека тоа e спротивно на обврските на ОБСЕ и против меѓународните стандарди за избори – велат од ОБСЕ.
Индикативен е и различниот однос кон референдумското прашање во различни земји. Кога турскиот народ се изјаснуваше за уставните промени, ОБСЕ и другите меѓународни организации соопштија дека пред граѓаните е ставено премногу сложено прашање. Но во Македонија, иако референдумското прашање беше три во едно, со неверојатни осум можни одговори и кое треба да предизвика целосен ремонт на највисокиот државен акт уставот како и цела низа други последици, ОБСЕ во него не најде ништо спорно и се задоволи само со истата изјава дека не ги споредува референдумите во различни земји.
ТВ АЛФА