Финансии 10.10.2023 10:58

„Реплек АД“ со раст од 44% на приходите од продажба во сегментот фармација

„Реплек АД“ со раст од 44% на приходите од продажба во сегментот фармација

Со зајакнување на позициите на пазарите, консолидација на портфолиото и промоција на потенцијалите, „Реплек АД“ продолжи со успешните резултати. Од почетокот на годината, заклучно со септември „Реплек АД“ оствари раст на приходите од продажба од фармација од 44%, во споредба со истиот период минатата година. Позитивните деловни резултати што ги бележи компанијата во овој период од 2023 година се должат на растот на приходите од продажба во сегментот фармација на странските пазари од 52%, а раст е остварен и на домашниот пазар за 21%, споредено со истиот период од минатата година.

Продолжувањето на позитивните резултати на „Реплек АД“ се должат на темелните промени во извозната стратегијата на компанијата, но и на внатрешната реорганизација, базирана на силна имплементација на иновации и поврзување на искусниот човечки потенцијал, со свежи млади идеи. Како резултат на овие параметри, остварените резултати во третиот квартал се историски најдобри за компанијата, од нејзиното постење.

„Новиот стратешки пристап, диверзификација на ресурсите, како и зајакнување на квалитетот на нашето портфолио се клучните причини за постигнатите резултати. Но, ова е само почеток на една нова приказна на „Реплек АД“ и на македонската фармацевтска индустрија. Имено, нашиот потенцијал и промените кои ги направивме во компанијата очекуваме уште посилно да растат во следниот период, особено на странските пазари, каде што квалитетот е веќе добро познат. Тоа ни дава солидни причини да бидеме оптимисти, а потенцијалните можности за проширување на наштетите активности се дополнителна причина. Истовремено развојот на „Реплек АД“ е значаен за македонската фармација бидејќи е директна потврда за потенцијалот и експертизата што ја имаме, особено во човечкиот капитал. „Реплек АД“ ќе продолжи со огромна посветеност да ја гради својата приказна и во следниот период“, истакна Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек АД“.

Дури 82% од портфолиото на „Реплек АД“ се пласира на пазарите во повеќе од 20 земји, а останатиот дел отпаѓа на домашниот пазар. Компанијата е присутна на пазарите во Европската Унија, регионот Адриа, како и на пазарите во Централна и Југоисточна Азија, а дел од производите од фармацевтската програма на компанијата се едни од најпродаваните на одделни пазари, што е дополнителна потврда за квалитетот и висока конкурентност на глобално ниво.

Во фармацевтскиот деловен сегмент, компанијата планира и раст на приходите од 41% до крајот на 2023 година, во споредба со лани. „Реплек АД” продолжува да инвестира во иновации, модернизација и трансформација на компанијата.