Актуелно 10.08.2018 11:56

Ристовски: И се спрема „пластична операција“ на Македонија

Ристовски: И се спрема „пластична операција“ на Македонија


Познатиот аналитичар и професор Љупчо Ристовски на својот Фејсбук профил напиша предупредувачки статус за тоа што ни се спрема со претстојниот референдум. Ја повика Владата доколку има искрени намери, да објави се` она што се крие од јавноста, како на пример каква ќе биде преамбулата по промената на Уставот. Во продолжение го објавуваме во целост:

Значи, ќе морам да бидам упорен докрај. Владата не’ фокусира на референдумот и ја исцрпува енергијата на нацијата со формата. Суштината е УСТАВОТ и амандманската интервенција по референдумот.

ТАРГЕТ на Грција беше Уставот, а механизмите и патот до тоа не ги интересира. ЗАТОА СВРТЕТЕ ГО ФОКУСОТ НА ВАШЕТО ВНИМАНИЕ НА УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ И ВО ЕДЕН ГЛАС ДА БАРАМЕ НИВНА ОБЈАВА ПРЕД РЕФЕРЕНДУМОТ, ДО ТОЧКА И ЗАПИРКА.

Или попластично: Ако преамбулата е главата на Уставот, во неа се дефинира личниот опис на државата и нацијата која ја организира. Целта на Грците е да извршат “пластична операција“ со која ќе ни го смени личниот опис на нацијата и плус “неврохирушка операција“ со која ќе ни ја извади меморијата од главата (оти тоа е историјата – меморијата на еден народ) и да ни вгради чип со нови историски информации кои се лажни, притоа со наша писмена Изјава за согласност (референдумот).

Затоа, ве замолувам, целата интелектуална критичка јавност да започне во еден глас, вклучително и новинарите, сите медиуми, целата јавност, сите вие на социјалниве мрежи…барајте јасно и гласно: ДА СЕ ОБЈАВАТ ПЛАНИРАНИТЕ АМАНДМАНСКИ ИЗМЕНИ НА УСТАВОТ ПРЕД РЕФЕРЕНДУМОТ. Така ќе му овозможиме на просечниот граѓанин валидни информации за носење на исправна одлука. Се’ дотогаш и јас ќе сметам дека позади овој проект стојат СКРИЕНИ НАМЕРИ НА ВЛАДАТА.

По објавувањето на интегралните амандмански интервенции во Уставот, ако е се’ чесно и искрено, значи ако се на сцена ИСКРЕНИ НАМЕРИ НА ВЛАДАТА, тогаш секој слободно нека си одлучи, дали сака таква промена каква што се предлага со уставната интервенција, оти и’ за секоја операција, било пластична или невро-хирушка се бара претходна согласност или од лицето или од родителот. Притоа хирурзите прават и реконструкција на тоа кое следи, а на запад и компјутерска симулација пред и потоа, по операцијата.

Затоа е и референдумот…за да и’ се даде можност на нацијата да даде согласност за промена предвидена со интервенција во Уставот со уставни амандмани. Значи, треба да дадеме согласност како народ, за нешто за што немаме реконструкција околу тоа што следи конкретно.

Значи тезата е извртена, се втурнува нацијата да гласа за согласност за членство во НАТО и ЕУ што е последица на нешто претходно, се втурнува да се изјасни за прифаќање на спогодбата со Грција од Нивици…а притоа се држи во најголема тајност договорената амандманска интервенција во Уставот, оставајќи на тој начин простор за сомневање дека нацијата ќе биде ставена пред свршен чин.

УСТАВОТ е актот со кој се дефинира државата и општественото уредување, а со преамбулата се дава личниот опис на нацијата и нејзината вековна борба за државотворност, се пренесува меморијата од генерациите дејци и настани од минатото…се’ е тука. Каков запис ќе вградиме во преамбулата, такво ќе биде лицето на државата према надвор.

Со точка 1.3.ѓ од Спогодбата, се симнува државотворноста на македонскиот народ од секоја официјална државна институција, кои пак губат секаква етничка компонента и белег и стануваат “ничии и сечии“, исто како и општествената сопственост од минатиот систем. Тоа е знак дека секој може да ја разграбува, ќе се повампират сите екстремизми кај соседите за нова асимилација во втора декада на 21-от век.
Придавката Македонски губи секаков државотворен капацитет и се врамува само во приватната сфера и само за по дома. Овие сериозно незгодни и тешки сидра, се опасност да се направи историска грешка ако се пренесат во Уставот со амандманските интервенции.

Сево ова може да се избегне, ако владата е искрена пред нацијата во своите намери да го сочува националното достоинство на македонскиот народ и претходно и навреме го сподели оригиналниот текст на амандманските интервенции во Уставот. Во спротивно СЕ’ Е ЛАГА и пораката станува јасна како бел ден.

Дале се разбираме, каде е празнината за носење на одлука околу референдумот?