Русија и Украина разменија обвинувања поради инцидентот што се случи оваа недела во морето во близина на спорниот Кримски полуостров, пренесоа агенциите.
Тоа ги зголеми тензиите меѓу двете земји и ја поттикна Москва да го блокира движењето по Керченскиот залив.
Керченскиот залив е единствениот воден пат кој го поврзува Црното со Азовско Море. Над заливот неодамна беше изграден мост кој го поврзува Крим со Русија. Не е јасно колку време Русија планира да ја задржи блокадата. Ако превозот биде суспендиран за подолго време, тоа ќе биде еднакво на економска блокада на украинските градови на брегот на Азовско Море, забележуваат американските медиуми.
Руската Федерална служба за безбедност изјави дека украинските бродови илегално влегле во руски територијални води и ја обвини украинската воена флота дека предизвикала инцидент заради провокација.
Договорот од 2003 ги одредува Керченскиот залив и Азовско Море како заеднички територијални води на Украина и Русија, но од 2015 година Русија врши поголема контрола над движењето по него, забележуваат агенциите.
Рускиот телевизиски новинар Дмитриј Кисељов вечерва во директен пренос на телевизија “Русија” изјави дека украинскиот претседател Петро Порошенко, се стреми кон судир со Русија во Црното Море. Според новинарот целта е да се спречи претстојната средба меѓу претседателите на Русија и САД – Владимир Путин и Доналд Трамп, на форумот на Г-20 во Аргентина.