Турскиот министер за финансии, Берат Албајрак по кризата во земјата, изјави дека ќе направат се за да ги отстранат економските потешкотии во кој влезе Турција поради падот вредноста на валутата. Во пресрет на ваквата изјава на турскиот министер за финансии, Вашингтон се закани со нови санкции кон земјата.
Албајрак, според информациите на тамошните медиуми, остварил низа телефонски разговори со меѓународните инвеститори, на кој им посочил дека турската економија ќе излезе посилна од кризата и дека турските банки сега се „силени и моќни”. Турскиот министер за финансии во телефонските разговори ја отфрлил можноста за воведување на контрола на капиталот или каква било помош од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
И додека Турција пробува да излезе од економската криза, САД се закануваат со нови санкции кон земјата. Британската агенција „Ројтерс“ пак објави дека турската лира утрово повторно опаднала, бидејќи инвеститорите започнале да ги анализираат новите предупредувања од страна на Соединетите Американски Држави, според кои Турција би можела да добие дополнителни економски санкции, доколку не се ослободи американскиот свештеник Ендрју Бренсон.
Вредноста на лирата оваа година опадна за околу 35 проценти во однос на доларот, што во најголема мера е последица на влошување на односите помеѓу двата сојузници во НАТО поради апсењето на Бренсон во Турција, како и загриженост за влијанието на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на националната монетарна политика.