Економија 20.09.2018 23:06

САД секојдневно вршат притисок врз германските компании да го напуштат Иран

САД секојдневно вршат притисок врз германските компании да го напуштат Иран

Американската амбасада во Германија ојави дека секојдневно вршат притисок врз германските компании да го напуштат Иран, додека Европа истворемено се обидува да најде начин како да ги одмине американските санкции.

Амбасадата ова го објави на денот кога Фолксваген одби да потврди дека ќе замине од Иран, што неколку часа претходно го најави американскиот амбасадот во Германија Ричард Гренел, близок до претседателот Доналд Трамп.

„Американскиот амбасадор Гренел веќе долго време разговара со главните директори и индустриските лидери советувајќи ги да ги почитуваат американските санкции“, соопшти портпаролката на амбасадата. „Амбасадорот секојдневно работи со екипа од амбасадата за да обезбеди разните компании и генералните директори да ги почитуваат своите обврски“.

САД повторно му воведе санкции на Иран откако Трамп во мај реши еднострано да се повлече од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма склучен во 2015 година.

Но, Европејците сакаат да го одржат договорот во живот и да воспостават механизам кој би овозможил продолжување на трговијата со Иран и покрај американските санкции. Планираат да воведат алтернативен трговски режим, своевидна трговска размена на големо за на Иран да му се овозможи да продолжи да извезува нафта.

САД на 4 ноември ќе воведат нова рунда санкции кои директно ќе го погодат иранскиот извоз на нафта и банкарските санкции со таа земја која ќе биде де факто исклучена од меѓународните финансиски текови.

Германија е еден од главните трговски партнери на Иран, во 2016 година германскиот извоз во Иран достигнал речиси 2,6 милијарди евра, 26 отсто повеќе во однос на претходната година.

Гренел кажа дека во вторникот бил постигнат договор меѓу Фолксваген и американската дипломатија. Фолскваген според тој договор би требало да има многу ограничени активности во Иран во хуманитарни цели.

Но од Волфсбург за Франс прес изјавија дека сѐ уште „се разгледуваат можните импликации на повторното воведување на американските санкции“.

Фолксваген ги почитува сите соодветни национални и меѓународни закони и внимателно го следи развојот на политичките и економските случувања во Иран и регионот“, додадоа од Фолксваген, што значи дека нивниот став не е сменет со месеци.

Покрај тоа, добро информирани извори за Франс прес изјавиле дека договорот за кој зборува Гренел „не постои“.

Фолксваген го објави враќањето на иранскиот пазар во јули 2017 по повеќе од 17 години отсуство поради меѓународните санкции кои тогаш беа делумно укинати. Во Иран се продаваат моделите „тигуан“ и „пасат“.

Американски дипломат вчера на Твитер објави дека германскиот хемиски џин БАСФ исто така „ќе ги почитува американските санкции“, но компанијата денес го демантираше тоа истакнувајќи дека „ќе продолжи да работи во Иран, строго почитувајќи ги сите закони“.

БАСФ, кој во 2017 оствари годишен приход во износ од 64,5 милијарди долари, во Иран заработи околу 80 милиони евра, од кои половина во автомобилскиот, енергетскиот и петрохемискиот сектор, кои се погодени од санкциите.