Јапонски научници создадоа нов вид стакло, кое самото „се регенерира“ од напукнување и кршење, пишува британски „Гардијан“.
Стаклото е произведено од лесен полимер наречен полиетер-тиуреас.
Професорот Такузо Аида од Универзитетот во Токио верува дека новиот материјал ќе биде корисен во изработката на смартфоните, но и во други области.
– Високата механичка цврстина и својството на обновување, взаемно се исклучуваат. Иако и досега се откривани тврди и самообновувачки материјали, во повеќето случаи кај нив е неопходно затоплување до 120 степени Целзиусови, па дури и повеќе, како и реорганизирање на прекинатата структура за скршените делови да се спојат. Новото полимерно стакло е механички доста тврдо, но може да биде поправено и без висока температура, изјавува експертот.
За скршениот материјал да се врати во првобитната состојба, потребно е рачно спојување на скршените делови, темпратура од 21 степен Целзиусов и 30-на секунди.
Својствата на обновување на полиетер-тиуреас биле откриени сосема случајно, од студент по име Ју Јанагисава.