Светската банка објави дека речиси половина од светската популација живее со помалку од 5,50 долари на ден.
Во полугодишниот извештај на банката е наведена поширока анализа на сиромаштијата со цел да се покаже на заостанувањето на некои одредени земји, иако процентот на оние кои живеат во екстремна сиромаштија и кои заработуваат помалку од 1,90 долар дневно продолжи да се намалува во последните години.
Во извештајот што се базира на зголемените критериуми на сиромаштијата, се наведува дека бројот на сиромашните луѓе од целиот свет уште е „неприфатливо висок”, додека плодовите на економскиот раст „нерамномерно се распределуваат меѓу земји и региони.”
Иако глобалниот економски раст во последниве години е забавен, вкупниот број на луѓе кои живеат во сиромаштија опадна за повеќе од 68 милиони помеѓу 2013 и 2015 година, бројка што е рамна на населението на Обединетото Кралство и Тајланд.
Во извештајот се забележува дека актуелните трендови покажуваат дека целта на Светската банка за намалување на глобалната сиромаштија на помалку од три проценти од светското население би можела да биде недостижна.