Економија 24.09.2018 15:48

Сезона на ајвар – домашен или купечки?

Сезона на ајвар – домашен или купечки?

Пиперките и оваа година имаат „солени“ цени. Сепак математиката покажува дека и домашниот ајвар останува поисплатлив од купечкиот. Една тегла направена дома чини од 60 до 70 денари, а купена во продавница од 130 па и над 300 денари. Во оваа пресметка не се зема предвид маката односно трудот, правењето зимница воопшто не е лесно.

Пиперките „ајварки“ како секоја година да се повисоки цени. Во моментов се продаваат од 25 до 28 денари, лани одеа за 23 до 25, а преклани беа само 18 до 20 денари. Овие цени важат за пиперките купени на големо, во вреќи. Во супер маркетите се уште поскапи, се продаваат за 32 до 38 денари, но таму може да се бираат парче по парче.

Земјоделците признаваат дека пиперките се со повисоки цени, но се правдаат и дека годинава родот бил драстично помал.

„Точно е дека пиперот е поскап од лани, но јас на крајот ќе имам и помала заработка. Килото го давам два до три денари повеќе а родот ми е преполовен. Пролетва имаше многу дождови, но и град што сериозно го намали родот“ вели производител на пиперки од Струмица кој сам го нуди родот од камион на една од скопските крстосници.

Засега нема проблем со откупот со оглед на драстично помалото производство.

„Имаме добра цена, но немаме производство. Сите велат дека им е скапо но земаат барем 15 до 20 кила, колку да ја зачуваат традицијата, да направат по некоја тегла дома“ вели земјоделецот од Струмица.

Површините под индустриска пиперка под кои спаѓа и „ајварката“ секоја година се зголемуваат покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

И покрај поскапите пиперки домашниот ајвар секако останува најевтината варијанта, ако не се земе предвид работната рака односно вложениот труд.

Пресметките на денар.мк покажуваат дека една тегла годинава ќе чини 60 до 70 денари. До оваа сума се доаѓа кога се ќе собере.

Ако килограм пиперки чини 25 денари, а дозата е 50 килограми; само за главната состојка се потребни 1.250 денари. На оваа количина пиперки се потребни околу 20 модри патлиџани кои би чинеле 200 денари. За зејтин треба да се одвојат околу 350 денари колку што чинат 5 литри. Оттука вкупните трошоци достигнуваат 1.800 денари. Од 50 килограми пиперки во просек се добиваат околу 25 тегли ајвар, што значи дека една тегла ќе ве чини околу 72 денари.

Сепак, традицијата на правење ајвар полека се напушта. Се помалку домаќинки се нафаќаат на мачната процедура – печење, лупење, мелење, пржење на пиперките. Најголем дел од семејствата веќе почнаа да купуваат готов ајвар.

Индустрискиот ајвар последниве години има многу подобар вкус од порано. Но, паралелно со подобрувањето на рецептот растеа и цените. Тегла во маркетите сега се продава од 130 па и над 300 денари. Има и поевтин, но тој навистина не се мери со домашниот.

„Јас си купувам готов ајвар, не јадеме многу дома, па земам една до две тегли колку за да се зачува традицијата, воопшто не ми се исплати да се замарам и да правам“ вели домаќинка од скопски Карпош.

Со неа се согласува и жителка на населбата Аеродром.

„За 150 до 200 денари има супер ајвар во супер маркет. Нема причина да го правам сама“ вели таа.

Сепак, има и такви кои не ја напуштаат традицијата.

„Правењето ајвар е еден вид празник за нашето семејство. Сите се собираме, од најмало до најстаро. Сите ќе фатиме по малку и работата е завршена. Како сам што ќе си го направиш ајварот нема друг“ вели жителка од Карпош.

Токму „домашниот вкус“ е главниот адут и на оние кои заработуваат од правење зимница. Ја прават сами, а потоа ја продаваат или со директни препораки или преку интернет огласите. Цените за ваков домашен ајвар се движат од 220 па и до 350 денари.

 

Извор: Денар