Живот 16.10.2018 09:28

Сезоната почна, радијаторите топли – колку ќе чини греењето?

Сезоната почна, радијаторите топли – колку ќе чини греењето?

Грејната сезона официјално започна. Законски е утврдено да трае од 15-ти септември до 15-ти април. Парното греење годинава е минимално поевтино од лани. Се уште ништо од најавите за поставување индивидуални мерачи односно калориметри ниту од греење преку ново формираното јавно градско претпријатие.

Официјален старт на грејната сезона

Почна грејната сезона. И покрај релативно високите температури за овој период од годината радијаторите утрово беа млаки.

Сезоната официјално започнува на 15-ти октомври и трае до 15-ти април.

„Во рамките на овој период, испораката на топлинска енергија се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната комисија за енергетика“, информираат од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ)

Во најголемиот снабдувач со топлинска енергија велат дека потрошувачите можат за сите детали за испораката на топлинска енергија да се информираат на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk или да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на 02 3076 200 или 075 400 100.

Парното греење поевтино од лани

Веќе неколку години по ред парното греење поевтинува иако минимално. Од први август најголемиот снабдувач, БЕГ, има пониски цени за 3.10%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 1.13%, а „Скопје Север“ за 0.76%.

Во 2017-та цените паднаа во просек за 2%, а во 2016-та за дури 10%.

Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење.

Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.700 денари или 20.400 денари годишно.

Дополнителна негативна страна е што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома.

Грејната сезона треба да почне на 15 октомври и да трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април.

Засега нема мерачи на топлина во домовите

Поставувањето калориметри на радијаторите барем за сега нема да биде обврска за постојните објекти кои користат парно греење. Законот за енергетика предвидува вакви уреди да има само во новите објекти. Дали оваа обврска подоцна ќе се наметне за сите или ќе биде оставено на слободен избор на граѓаните ќе се утврдува при носењето на подзаконските акти кои не се комплетирани.

Сметките ќе зависат од температурата на станот, па оние со подобра изолација ќе трошат помалку. Сериозен проблем ќе имаат оние кои живеат на северна страна, на последен кат и на краевите од зградите каде загубите на топлина се и најголеми.

Еден ваков апарат во просек чини 50 евра, па за стандарден стан со шест радијатори тоа би чинело 300 евра.

БЕГ останува главен снабдувач, Град Скопје нема лиценца за мрежата

Иако локалните власти ветуваа па дури и формираа ново јавно претпријатие Градски енергетски системи, главен снабдувач со топлина во Град Скопје останува Балкан Енерџи Груп.

Градоначалникот Петре Шилегов се правда дека не успеале да ја преземат мрежата бидејќи, како што вели, била дивоградба во процес на легализација.

„По легализацијата и запишување на сопственоста, ќе побараме од Владата, мрежата да ни ја даде на користење, со што ќе се стекнеме со услови да можеме да влеземе во постапка за издавање на лиценца за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија“, изјави неодамна Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Главни приоритети на новото јавно претпријатие треба да бидат поврзување на Топланата Север со топловодната мрежа преку изградба на цевковод долг два километра и ширење на мрежата.

Во моментов само 23 % од површината на Скопје е покриена со топловоден систем а на него се приклучени само 17% од домаќинствата или околу 50 илјади домови.