Профитот на „Royal Dutch Shell“ се зголемил за 37% во третиот квартал од оваа година, главно поради зголемувањето на цените на нафтата.
Профитот на англо-холандската компанија достигна 5,6 милијарди долари во однос на 4,1 милијарда долари во истиот период од минатата година, објави „ВВС“.
Растечките цени на гасот и нафтата во периодот јули-септември се главниот двигател на растот на добивката.
Силните перформанси на „Shell“ доаѓаат, откако конкурентите од „ВР“ исто така објавија добар профит.
Сепак, приходите на „Shell“ се пониски од очекуваните 5,8 милијарди долари.
Акциите на „Shell“ се намалија за над 2% за време на почетокот на тргувањето.
„Бројките се импресивни, но имајќи го предвид нафтениот пазар и солидните податоци на „BP“ во оваа недела, инвеститорите останаа не толку импресионирани од објавените резултати“, вели Дејвид Мејден, аналитичар во „CMC Markets UK“.
Во вторникот, „BP“ објави двоен скок во профитот во третиот квартал до 3.8 милијарди долари, наспроти 1.86 милијарди долари пред 12 месеци, па тоа е најдобро квартал за компанијата во последните 5 години.
Откако нафтата се тргуваше по цена од 67 долари за барел во почетокот на оваа година, цената на суровата нафта тип „брент“ започна нагло да расте. Највисокото ниво беше минатиот месец кога цената достигна 86 долари за барел, пред да падне на 75 долари за барел.
Извршниот директор на „Shell“, Бен ван Бјорден наведува дека ова е еден од најдобрите квартали на компанијата, затоа што оперативните приходи достигнуваат 14,7 милијарди долари за периодот.
Од „Shell“ велат дека ја завршиле постапката за откуп на акции од 25 милијарди долари објавена во јули.