Мозаик 08.11.2018 12:00

Што треба да знаете за бизнис ангелите

Што треба да знаете за бизнис ангелите
Working_Team3

Доколку сте претприемач или сакате да станете, имате добра идеја, но ви треба некој што ќе вложи во неа, еве што треба да знаете.

Кој сè може да биде бизнис ангел?

Понекогаш ангел инвеститор или бизнис ангел може да биде и член од фамилијата или близок пријател. Сепак, бизнис ангелите најчесто се искусни претприемачи, кои обично инвестираат во личноста, а не само во потенцијалот на бизнисот.

Колку ризикуваат бизнис ангелите?

Ризикот што бизнис ангелите го преземаат кога инвестираат во одреден старт – ап е голем. Знаат дека поголеми се шансите да ги изгубат парите, отколку да генерираат профит. Далеку помал е профитототколку добивката. Податоците покажуваат дека само 10% од финансираните стартапи од бизнис ангелисе успешни.

Што сакаат/бараат од претприемачите?

Примарно за бизнис ангелите се луѓе со интегритет, но тие исто така сакаат да чујат и солиден pitching (презентација на бизнис идеја). Не губете време со долги презентации, повеќе од пет слајдови се бадијала. Бидете јасни, конкретни и веднаш преминете на главната поента. Споделете ги фактите. Дали имате прототип, клиенти… Колкава е нивната бројка? Колку пари и време потрошивте за да ги добиете?

Како да ги импресионирате бизнис ангелите?

Бизнис ангелите не сакаат фалби и премногу (небитни) информации. Бидете искрени, покажете ги вистинските бројки. Имајте интегритет, но бидете скромни. Во ниеден момент не ги мешајте самодовербата и ароганцијата.

Колку време треба да помине за да се добие инвестиција од бизнис ангел?

Дури и ако сè оди како “подмачкано“ ќе треба повеќе време од тоа што сте очекувале. Потребно е да се најде вистинскиот инвеститор за вашата бизнис идеја. Можеби ќе најдете, но нема да бидат заинтересирани, а тоа повлекува уште повеќе време. Откако конечно ќе најдете човек што верува во вас треба да се поминат многу процедури, состаноци, преговарања и длабински анализи. Сметајте дека ќе имате уште една работна обврска.

Како да најдете бизнис ангел?

Прилично е тешко да се дојде до бизнис ангел од причина што тие речиси и не се рекламираат. Доколку најдете ваков инвеститор, ќе биде потребно време да му објасните кој сте и каква идеја имате. Најдобро решение за ова е да се движете во кругови на претприемачи со слични амбиции како вашата. Обидете се да дознаете дали некој познава бизнис ангели и дали би можеле да ве препорачаат.

Која е разликата помеѓу бизнис ангели и инвеститори во капитал (venture capitalists)?

Бизнис ангелите се индивидуалци, додека инвеститорите во капитал се големи бизниси (корпорации). Бизнис ангелите инвестираат во рана фаза кај стартапи и добро разработени компании. Инвеститорите во капитал обично инвестираат во компании што подолго време успешно работат. Бизнис ангелите инвестираат помала сума на средства, за разлика од инвеститорите во капитал кои исто така бараат и да станат членови во одборот на директори.