Економија 10.08.2018 15:16

Штрајк на пилотите на ,,Рајанер” во пет земји, откажани над 400 лета

Штрајк на пилотите на ,,Рајанер” во пет земји, откажани над 400 лета

Пилотите на „Рајанер“ започнаа 24-часовен штрајк во Белгија, Ирска, Германија и во Шведска. Со одлука на холандскиот суд и пилотите од Холандија се приклучија кон штрајкот со кој ќе бидат откажани голем број летови токму во екот на туристичката сезона.

Ирската нискотарифна авиокомпанија веќе откажа 400 од 2.400 лета закажани за денеска поради најавениот штрајк во споменатите земји.

Синдикатот на пилотите во Германија ги повика своите членови да престанат да работат од 3.01 часот наутро до сабота во 14.59 часот најавувајќи дека штрајкот ќе ги опфати сите летови од Германија. Синдикатот бара поголема плата и подобри работни услови за пилотите на „Рајанер“.

„Сакаме да покажеме дека стоиме зад нашите барања. Во следните недели и месеци предвидувам повеќе штрајкови, кои може да бидат и спонтани“, изјавил Инголф Шумахер, еден од пилотите во компанијата.

Судот во Холандија им одобри на пилотите во земјата што работат во авиокомпанијата „Рајанер“ да се приклучат кон штрајкот во неколку европски земји, а поради кој ќе бидат откажани многубројни летови во екот на туристичката сезона.

„Штрајкот може да се одржи“, соопшти судијата Тео Роел кога компанијата се обрати до холандскиот суд со барање да се спречи штрајкот на пилотите во земјата.

Со штрајкот во текот на летната сезона ќе бидат погодени повеќе од 55.000 патници. Најмногу од нив во Германија – 42.000. На патниците управата на авиопревозникот им нуди бесплатна промена на терминот на летот или враќање на парите. Дополнителни обесштетувања нема да има.