За истите кои од мене бараат посилно да сум ги осудела настаните од 27-ми април, лицата кои ги отвориле портите на злото станаа лица кои отвораат европски порти. Тоа е хипокризија и цинизам, изјави кандидатката за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова во нејзиното гостување на Алфа Телевизија.
Таа посочи дека законот за амнестија за овие настани е далеку од закон за амнестија и владеење на правото, туку чудно помилување и селективна правда бидејќи закон за амнестија важи за сите кои биле инволвирани во определени дела или настан.
Во врска со судството Силјановска Давкова потенцираше дека истото е далеку од независно и за тоа доволно зборува што за да се случат уставните измени селективно се ослободуваа лица, само за да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.
– Судството е далеку од независно судство. Тоа особено се виде во трката по високата цел како што се нарекуваше Преспанскиот договор, референдумот, законот за употреба на јазиците, особено во врска со уставните измени кога нужноста од мнозинство доведе до чудни постапувања на пратениците. Да не зборувам и за измените на кривичниот законик кој е со определена цел, наменски да се спасат од судењата определени личности повторно на линија на одржување на коалицијата, нагласи професорката Силјановска Давкова.