Потпретседателот на Федерација на фармери на Република Македонија, Мемет Синани во гостување во емисијата „Отворено“ на Алфа телевизија, истакна дека состојбата во земјоделието од година во година се повеќе се влошува. Како што рече тој покрај проблемите со пласман на зелката, крставицата, доматот, лубеницата, пченицата, проблем со пласман има и со сливата и грозјето.
Синани нагласи дека производството го прават земјоделците и порача министерството за земјоделие да ги штити земјоделците. Тој додаде дека во Македонија околу 182 илјади семејства се изјасниле дека животната егзистенција главно им е од земјоделие.
Производството го прават земјоделците, оние кои што произведуваат, ние сме оние кои што произведуваме. Меѓутоа чарот не е кај земјоделците, туку кај купувачите и преработувачите. Значи министерството треба да отвори очи малку за земјоделците бидејќи тоа е покрив на сите нас, и треба нас да не штити, порача Синани.
Тој додаде дека во април оваа година пуштиле барање до министерството за земјоделие да се состанат земјоделците и купувачите како би можеле да разговараат за цената на пченицата.
Имавме два пати средба со мелничарите, а тука министерството е посредник. Првиот пат мелничарите дојдоа на состанок, и тука морам да кажам дека ние како земјоделци постојано сме игнорирани од нивна страна. На вториот состанок кажаа смешна цена од 5 до 7 денари што приближно тука беше, објасни Синани.
Синани нагласи дека најсмешни биле изјавите од страна на министерството за земјоделие кога кажале дека пченицата не била квалитетна, а квалитетна пченица била на оние кои што имале 300 хектари.
Оние големи производители или се во министерствата и владата, или се околу нивните фотелји, рече Синани.
Синани ја искоментира и изјавата на министерот за земјоделие Љупчо Николовски каде што рекол дека откупната цена на пченицата се движела од 9 до 10 и пол денари, но имал сознание дека се имало и околу 11 денари, додавајќи дека ова е смешна изјава.
Знаете зошто тој даде таква изјава? Затоа што законски министерството, пченицата ја има прогласено како стратешки производ и како стратешки производ имаат обврска ако цената производна е повисока од продажната тие се обврзани да ја надокнадат онаа разлика, изјави Синани, додавајќи дека изјавата на Николовски е таква за да се избегне да се наплати разликата.
Тој додаде поради дождовите изминатиот период престанал откупот на пченицата како и дека Македонија за прв пат оваа година имала најниска цена на пченицата во регионот.
Што е најпроблематично после овие дождови кои беа неколку дена, пченицата не се откупува, мене ми стои и на другите им стои. Не ја примаат не била квалитетна. И уште нешто да потенцирам Македонија за прв пат оваа година имаше најниска цена во регионот на пченицата, вели Синани.