Актуелно 20.07.2018 12:10

Синдикатот на Југохром инсистира комбинатот повторно да почне да работи

Синдикатот на Југохром инсистира комбинатот повторно да почне да работи

Синдикатот на вработените во „Југохром“ бара на комбинатот за обработка на метал да му се овозможи повторно да започне со работа што е можно побрзо. И покрај тоа што „Југохром“ беше затворен поради тоа што работеше без филтри и го загадуваше регионот, Синдикатот негира дека оваа фабрика е главен предизвикувач на загадувањето во Полошката котлина.

Претседателот на Синдикатот, Бајрам Амити, вели дека иако веќе две години „Југохром“ не работи, Тетово и понатаму останува град со најголем број на белодробни и канцерогени болести.

„Тетово е најпогодено од болни деца и воопшто со болни лица. Тетово, односно Полошкиот регион е на седмото место, со лица кои боледуваат од канцерогени заболувања и лица кои боледуваат од белодробни болести“, рече Амити.

Синдикатот на „Југохром“ ја обвинува невладината организација „Еко-Герила“ дека објавува неточни податоци за загадувањето на воздухот во Тетово. Но, тие информации невладината ги демантира и нагласува дека „Југохром“ е меѓу најголемите загадувачи на воздухот.

НВО „Еко-Герила“:

„Етикетирањата дека сакаме да бидеме над институциите се невистинити. Ние само бараме да се почитуваат Уставот и законските правила. Како што е познато, во Македонија институциите често се ставаат над законот. Ние веќе сме во преговори со независни експерти кои доброволно ќе се ангажираат во процесот на поставување на филтри.“

„Југохром“ не работи веќе две години. Работниците неколку пати протестираа со барање комбинатот повторно да стартува бидејќи се останати без работа. Од Владата пак, се одлучни дека без поставување на филтрите, „Југохром“ не може да ја започне работата, а роковите за нивно поставување и натаму се одложуваат.