Скопје. Улица. Музика – трите збора што во себе ја содржат суштината на тоа што ќе се случува од 21 до 24 јуни на седум локации во градот. Skopje Street Music Festival 2018 ќе потсети дека добрата музика треба да биде достапна за сите.
Со концептот што го нуди годинава целта е на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали. Со тоа градот Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо. Воедно, Skopje Street Music Festival го следи форматот на музички фестивал, со што се стреми да го вброи Скопје на мапата на познатите музички фестивали.
За време на фестивалот посетителите ќе може да слушнат Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа, ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика, но и преработки на познати песни. Во исто време присутните, особено помладите, ќе може да се запознаат со разни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни. На отворен простор, а не во концертна сала, ќе може да се видат разни инструменти, како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон.
Изведувачите, каде што се вбројуваат познати уметнички имиња, но и аматери, се избрани по пат на конкурс од страна на селекторот на фестивалот. Учество ќе земат 24 артисти, групи и ансамбли. Изборот на изведувачи е направен врз основа на квалитетот на музиката и жанрот на музика со која ќе настапат артистите.
Локациите на кои ќе се одржува фестивалот се: плоштадот Македонија, Градскиот парк, ТЦ „Лептокарија“, Паркот кај авиончето во Ново Лисиче, плоштадот Скендербег, платото пред Универзалната сала и Боемската улица. Настапите ќе започнуваат во три термини: од 18, 20 и од 22 часот, а на последниот ден од фестивалот настапите ќе почнат во 12 часот. Коорганизатор на фестивалот е Конгресниот центар „Александар Македонски“, а покровител е Град Скопје.