Финансии 09.10.2023 09:16

Со новата даночна реформа ќе поскапат цените на одредени возила

Со новата даночна реформа ќе поскапат цените на одредени возила

Со новата даночна реформа која Министерството за финансии би требало да ја донесе деновиве, ќе се покачи данокот кај одредени категории на возила со поголеми мотори, но и кај оние што имаат поголема емисија на јаглерод диоксид во воздухот, пишува ТВ Телма.

Според извори на телевизијата, поскапување ќе има кај последните три категории на возила кои се со поголема емисија јаглерод диоксид, додека, пак, данокот кај возилата кои се со вредност до десет илјади евра е предвидено од нула да скокне на еден процент.

„Ова значи дека нема слух да се спречи и навистина да се намали увозот на половни возила. Единствено кај делот за загадување може да се прават поголеми напори“,велат извори за Телма.

По новите сеопфатни дискусии за измени и дополнување на уредбите на начинот на пресметка на данокот на моторни возила и износите кои се потребни за пресметка на данокот согласно новата метода, Министерството за финансии, заедно со Царина подготвиле два предлога, стои во документот кој го доби Телма.

Од Министерството за финансии велат дека овие измени се дел од проектот со Светската банка за унапредување на оданочувањето моторни возила. Од Царина, пак, велат дека измените сè уште се изработуваат, но се во согласност со регулативата на ЕУ. Измените на уредбата се со цел заштита на животната средина и се во согласност со зелената агенда и регулативата на Европската Унија.