Сопругата на министерот за финансии Фатмир Бесими купила и инвестирала во имот со вредност поголема од 200.000 евра за нецела 2023 година. Ова го покажуваат ажурираните податоци од анкетниот лист на владиниот функционер кај Државната комисија за спречување на корупција.
Во она што како најново го пријавил Бесими како имот на брачен другар се инвестирани 3.916.100 денари, или околу 65.000 евра во купување на 1.342 акции во текот на оваа година. Сопругата го следела министерот, кој се стекнал минатата година со 702 акции во вредност од 3.408.940 денари.
Поубавата половина на Бесими годинава се подновила и со Ауди Q5. Луксузниот SUV модел, произведен само една година претходно, е запишан со вредност од 3.769.800 денари, а тоа би биле 61.000 евра.
Брачниот партнер на чуварот на државната каса во текот на 2023 има орочено девизен депозит од 41.532 евра, а истовремено во нејзиното „инвестициско портфолио“ стојат и 3.300.000 денари (околу 55.000 евра) како орочен денарски депозит.
Интересно е тоа што додека понежната половина на Бесими купувала подвижен имот и вложувала во капитал, самиот министер бил пасивен и годинава не покажал интерес за такви активности.
Од Министерството за финансии се јавија со реакција дека не станува збор за нова имотна состојба, односно дека станува збор за промена на структурата на имотот од претходен период која била регистрирана оваа година.
– Нема промена во пријавениот вкупен имот на министерот во анкетниот лист, односно на самата вредност. Промената е направена во рамки на ставките на анкетниот лист, а не во вкупната вредност, велат од министерството.
Овие евиденции од околу 220.000 евра го прават далеку „потежок“ анкетниот лист на министерот Бесими кој беше назначен на својата функција од Владата во 2020-та. Претходно тој на по два пати беше министер за економија и вицепремиер за економски прашање, а еднаш беше и вицегувернер на Народна банка.
Сепак, за пофалба е тоа што министерот се одлучил воопшто да го ажурира својот анкетен лист откако веќе еднаш го пријавил, затоа што многумина функционери тоа ретко го прават.