На денешниот состанок на Совет за надворешна политика во грчкото МНР, под претседателство на шефот на грчката дипломатија, се отвора патот за формирање на Совет за национална безбедност на Грција.
– Знаете дека земјата има потреба од повеќе координација и планирање во кризните прашања, во прашањата со големите национални проблеми, дека потребно е да се подготвуваме за алтернативни сценарија и нашата процена е дека за ова да се спроведе успешно, потребно е да постои една институција, која постои во многу земји во светот, а тоа е Советот за национална безбедност, предводен од советник за национална безбедност, објасни шефот на грчката дипломатија по завршувањето на состанокот и објасни дека советникот за национална безбедност ќе ги координира министерствата, а заедно со премиерот ќе ги известува лидерите на политичките партии.
Советникот за национална безбедност ќе го поставува премиерот, а ќе има должности и обврски како да е министер.
Никос Коѕијас објасни дека според она што го предвидуваат во предлог законот што се подготвува и ќе треба да го одобри грчкиот парламент, Советот ќе го сочинуваат министри, но и официјални лица, чиј предмет на работа е поврзан со безбедноста на земјата.
-Имаме и второ ниво, каде што премиерот заедно со советникот за национална одбрана, ќе ги информира лидерите на политичките партии за разговорите, плановите и алтернативните сценарија создадени во првото ниво. Ова е оригиналност во нашиот закон што не постои никаде на меѓународно ниво, рече шефот на грчката дипломатија одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на составот на советот за национална безбедност.
На состанок во грчкото МНР учествува членовите на Советот за надворешна политика односно претставници на партиите членки на грчкиот парламент (СИРИЗА, Нова демократија, Независни Грци, Движење на промена, Река, Сојуз на централисти) со исклучок на Комунистичката партија на Грција, која сама одбра да не учествува на состаноците и претставници на Златна зора кои се исклучени од Советот.
Одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, пораного напушти состанокот бидејќи беше одбиено неговото барање да се прошират разговорите и со други теми како што се односите на Грција со Албанија, ситуацијата на Балканот, грчко -руските односи и сл.
Шефот на грчката дипломатија, по завршувањето на состанокот упати остри критики до Нова демократија поради позицијата на Кумуцакос, а на присутните новинари им подели примероци од упатената покана од 16 август до претставниците на партиите за свикување на денешниот Совет со конкретната тема на дневен ред, но и одговорот и листата со оние кои прифатиле да присуствуваат, а меѓу нив и Кумуцакос, велејќи дека одговорниот за надворешна политика Во Нова демократија имал доволно време да достави негови предлози или да побара проширена агенда. (МИА)