Колку Македонците сакаат да се обложуваат говори фактот што лани работата на трите најголеми ланци пораснала за 20 отсто, а тие заедно имаат приходи кои за малку помали од приходите на двата најголеми ланци супермаркети. Со оглед на тоа дека многу помалку луѓе се обложуваат од вкупниот број на луѓе кои пазарат во маркетите излегува дека обложувањето е „насушна потреба“
Трите најголеми обложувалници во земјава лани собрале облози во вредност од 173,6 милиони евра! Ова се официјални податоци за ланското работење на обложувалниците: „Моцарт“ на „Делта Бет“, „Сопрт лајф“ и „Златна копачка“. За да стане појасно колкав е бизнисот со обложувањето ќе споредиме вака: трите најголеми обложувалници имаат промет за малку помал од двата најголеми ланци на супермаркети „Кам маркет“ и „Тинекс“. Ова јасно укажува на тоа дека обложувањето по исхраната е втора егзистенцијална потреба на македонското население. Всушност, веројатно обложувањето е најглавна егзистенцијална потреба со оглед на тоа дека значајно помал жители се обложуваат во однос на бројот на жители кои пазарат во маркет.
„Спорт Лајф“ убедливо најголем ланец на обложувалници!
Скопската компанија „Спорт лајф“ е убедливо најголем играч на пазарот што ги нуди овие услуги. Лани нејзиниот вкупен приход изнесува 83,8 милиони евра и таа е 19 отсто односно за 13,25 милиони евра повеќе од 2016 година. Паралелно со приходите растеле и расходите на компанија. Тие лани достигнале 78,5 милиони евра и се за 9,2 милиони евра поголеми од 2016 година. Добивката на оваа компанија е 4,9 милиони евра и во споредба со лани е повисока за 312 отсто односно за 3,7 милиони евра. Оваа компанија лани вработувала 823 лица што е за 47 повеќе од 2016 година. Обврските на компанијата лани на крајот на годината изнесувале 1,9 милиони евра и тоа е за 0,9 милиони евра повеќе од 2016 година.
„Моцарт“ со добивка од 1,5 милиони евра
Втора според големината на приходи е компанијата што управува со ланецот обложовалници под брендот „Моцарт“. Нивниот приход лани е 39,64 милиони евра и тој пораснал за 7,35 милиони евра во однос на 2016 година односно 22,7 отсто. Истовремено расходите пораснале за 5,3 милиони евра до 37,86 милиони евра. Добивката надмина 1,5 милиони евра и тоа е одличен резултат во споредба со лани кога фирмата била во загуба. Овој ланец вработувал лани 387 лица и нивниот број лани пораснал за 117 вработени. Обврските на „Делта Бет“ лани на крај на година биле 1,2 милиони евра.
„Златна копачка“ ја изгуби пазарната позиција, но ја зголеми добивката
Познатиот македонски ланец познат под брендот „Златна копачка“, основан од легендата на македонскиот фудбал Дарко Панчев, лани имаше пад на приходите од 20,8 отсто во споредна со 2016 година. Вкупниот приход лани паднал за 12,8 милиони евра до 50 милиони евра. Вкупните расходи изнесувале 48,5 милиони евра, пониски се за 13,75 милиони евра во однос на 2016 година. Добивката на компанијата е 1,66 милиони евра и поголема е за 1,1 милиони евра од 2016 година. Обврските на фирмата на крај на 2017 година биле 0,6 милиони евра и се помали за 2 милиони евра.