Актуелно 25.11.2018 14:43

Стоилковски: Апелација да ги земе предвид фактите на одбраната на Јанакиески и Божиноски и да ги отфрли одлуките за притвор

Стоилковски: Апелација да ги земе предвид фактите на одбраната на Јанакиески и Божиноски и да ги отфрли одлуките за притвор

Апелациониот суд утре мора да ги земе предвид фактите на одбраната на Миле Јанакиески и Кирил Божиноски, и да донесе решение во кое ќе ги отфрли одлуките за нивен притвор базирани врз фингирана службена белешка од УБК, класифицирана како Строго Доверливо, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Утре во апелациониот суд се одлучува дали Република Македонија ќе остане да тоне во мрачното транзициско минато од 90тите, или судот има сили да се издигне над политичкиот прогон? Утре ќе се знае дали Република Македонија воопшто има сили да напредува или ќе потоне подлабоко во црниот систем во кој слобода или притвор се инструменти на црниот систем за политички пазар и криење на неспособноста. Апелационите судии ја имаат пред себе одговорноста да не дозволат судот да биде играчка на неспособниот Зоран Заев и неговиот тим за злоупотреба на државната безбедност, играчка за нивните злодела, за политичкиот терор, рече Стоилковски и додаде:

„Република Македонија го преживува периодот на мрачно неправедно општество, со кое владее хунта на неспособни но и незаменливи. Апелациониот суд ја има можноста за покажување трошка пркос и волја за демократија со тоа што нема повеќе да дозволи притворот да биде замена не само за казна-  туку и за затскривање на властодршците. Незаменливоста на Оливер Спасовски го претвори цело општество во притвор, во кој нема решени случаи за убиства, нема решени случаи за пукотници среде Скопје, нема постапки за криминал по допрен глас, нема контрола врз злоупотребите на системот за безбедност кој наместо реалните безбедносни предизвици н државата се занимава со кабинетот на претседателот на државата, со фингирање на податоци во службени белешки класифицирани како Строго доверливо а за кои што судот одлучува и понатаму се цитираат во јавноста“.

Апелациониот суд, потенцираше тој, има одговорност со која не само што ќе се дозволи Јанакиески и Божиновски да се бранат од слобода, онака како што и до сега го правеа, почитувајќи ги мерките за претпазливост кои што беа определени од судот, туку и ќе се внесе трошка светло во црниот правосудство и правосуден систем за политички прогон.

-Тој зрак ќе даде и надеж дека слободата и правосудството нема повеќе да бидат дел од селективниот политички пазар. Таква одлука на апелационите судии ќе значи и дека власта не смее и ќе мора да одговори за злоупотребите на службите за безбедност. Мора да има одговори на прашањата кои што и досега ги поставувавме: Зошто судот определува притвор по наводна службена белешка од Управата за Безбедност и Контраразузнавање, класифицирана со степен Строго Доверливо? Дали е проверена веродостојноста на исказот во службената белешка од УБК со ознака Строго Доверливо, откако Кабинетот на претседателот на државата, но и притворените остро реагираа и ја демантираа нејзината содржина? Кој издал наредба УБК да го следи претседателот на државата и неговите активности? Колку и какви се’ белешки собира УБК за работењето на Претседателот Иванов? Кој ја издал наредбата за следење на Јанакиески и Божиновски и монтирање на политички конструкции во службените белешки? Какви и колку, но и против кој се’ се подготвуваат вакви и слични конструкции? Дали се злоупотребува УБК за да се фингираат политички мотивирани судски одлуки? Кои се другите лица од опозицијата се предмет на следење и обработка од УБК и другите служби, но и кој ги составува списоците на „политички неподобните“ кои треба да бидат следени? Колкава штета трпи безбедноста на државата, додека УБК се расправа со политичката опозиција и неистомислениците на СДСМ наместо со вистинските безбедносни предизвици?.

Ќе потсетам, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, мрачните злоупотреби на безбедносните служби против опозицијата се својствени на СДСМ, уште од времето на патот до независноста на Република Македонија па гледаме се до денес, секогаш кога наследниците на комунизмот ќе се дограбат до власт.

Најнови вести