Актуелно 11.06.2018 13:03

Стоилковски: Економската катастрофа ја потврди и Светска Банка, каде се парите од зголемена наплата на даноците со кои се фали Владата?

Стоилковски: Економската катастрофа ја потврди и Светска Банка, каде се парите од зголемена наплата на даноците со кои се фали Владата?

Девастирачките податоци за економски раст од само 0,1%, сосекувањето на градежништвото, катастрофална реализација на капиталните инвестиции, потфрлањето во реализацијата на буџетските трошења, бараат одговорност! Вакво економско потфрлање бара одговорност од Зоран Евро Заев, од Анѓушев Кочо и Тевдовски Драган-носечката тројка на економското катастрофално цунами што се случува во Република Македонија!, изјави денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Стоилковски кажа дека државата веќе влегува во ризична зона во која ќе се бори за редовна исплата на плати и на пензии, што дополнително ќе ги оптовари граѓаните кои што забрзано осиромашуваат.

-Економската катастрофа ја потврди и Светска Банка, како и голем број други финансиски мегународни институции. Светска Банка, токму по тие индикатори, за кои постојано предупредуваше ВМРО-ДПМНЕ, ја намали прогнозата за економскиот раст на Република Македонија, не само за оваа, туку и за следните две години. Според Светска Банка и податоците објавени во Глобал Економик Проспектс, јунската оценка за раст на македонската економија е намалена од 3,2, на 2,3%. И Светска Банка предупредува дека не само што Зоран Евро Заев, Анѓушев и Тевдовски немаат поим како да дојдат до ветените 5% раст, туку и првичните, јануарски оптимистички 3,2% раст на годишно ниво, ги намалија на 2,3%. Со ваквите прогнози на Светска Банка, базирани на политиките на незнаење и економските НЕ-зафати, македонската економија е закована на дното на Европа, каде што сите економии се движат далеку напред! Оваа година Зоран Евро Заев, Анѓушев и Тевдовски, во Македонија отворија горливи проблеми во текстилната и во кожарската индустрија, ги сопреа странските инвестиции, создадоа медиумска хајка против рударството и покрај највисоките еколошки стандарди, ја замреа металургијата, финансиски ја оптоварија транспортната дејност преку акцизите, земјоделство го турнаа во слободен пад. Оваа економско цунами- тројка го сосече градежништвото во целина- ги сосекоа капиталните инфраструктурни зафати, нема проекти, патишта, железници, гасификација, водоводи, канализации. Налудничав е падот во градежниот сектор за над 45%, пад каков што немаше ниту во 2001 година, изјави Стоилковски.

Стоилковски запраша и ако владата се фали дека има зголемена наплата на даноците, а притоа руши вакви негативни рекорди, каде овие пари завршуваат?

-Нема ниту една модерна економија во светот каде владата толку многу потфрлила во делот на реализацијата на буџетските трошења, а притоа да не сноси никаква одговорност. Реалната и тажната вистина е дека нови инвестиции нема. Македонија, од лидер во Европа во делот на инвестиции за само 12 месеци е на апсолутното дно во Европа. Оваа цунами тројка- Евро Заев, Анѓушев и Тевдовски- ја лажат јавноста. Тезата дека во земјава има рекорден број на инвестиции е резултат на незнаењето за разграничување на инвестициите од зголемување на основен капитал кај повеќето постоечки инвеститори кои немаа распределено добивка поради најавата на новите лимитирачки економски мерки. Реалната и тажната вистина е дека нови инвестиции- нема, изјави Стоилковски.

Тој вели и дека измина година во која економските политики на власта предводена од оваа тројка на чело со Зоран Евро Заев доживеаја огромен пораз.

-Ова е уште една изгубена година за граѓаните на Република Македонија. Залудни се шарените лаги на власта, граѓаните ја живеат и препознаваат реалноста со Зоран Евро Заев. Цунами тројката Заев, Анѓушев и Тевдовски не умеат, не знаат и немаат план и затоа мораат да си понесат одговорност. Граѓаните ги интересира иднината. Македонија мора и може подобро. На граѓаните им треба напредок и успеси, ВМРО-ДПМНЕ знае како, ВМРО-ДПМНЕ има решенија и Македонија ќе победи!, изјави Стоилковски.