-Новиот закон мора да биде донесен со консензус, да биде реформски и да претставува основа за градење на правна држава. Затоа мора да се почитува принципот на целосно имплементирање на Меѓународните стандарди кои што се однесуваат на обвинителството и обвинителите, Принципи на заштита на основните човекови права и Принцип на независност, неутралност, отчетност, ефикасност и ефективност во борбата со криминалот! Заев и Дескоска не смее да бегаат од фактот дека ЈО треба да е во функција да ги заштитува граѓаните и да го чува правниот поредок во државата, а не да биде послушник на извршната власт. Владата не смее да замижува и да игнорира аргументирани предлози кои што ќе овозможат борба со коруптивните и криминогените дејствија на власта. Владата не смее да бега од фактот дека треба да има одговорност и почитување на човековите права, а не јавните обвинители да штитат министри и премиери и да спроведуваат чистки по политичка нарачка на власта, потенцира Стоилковски.
Тој додава дека владата не смее да бега од имплементирање на 11 меѓународни акти од ОН, од препораки од европскиот совет на министри, од препораки од Венецијанската комисија. СДСМ не смее да бега од одговори за непостапување на обвинителството, ниту од формирање на тело, на посебно одделение за следење на европската регулатива и прецедентното право на Европскиот суд за човекови права. Владата не смее да бега од барањата за политичка независност на обвинителството, ниту од избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата, барање кое што до вчера беше и барање на СДСМ. Тоа е решение кое ќе ја ефектуира независноста и неутралноста на Јавното Обвинителство од извршната власт.
-Власта не смее да бега и од Анкетна комисија која ќе ги испита сите афери во рамките на СЈО и начинот на кој што актуелниот состав истроши десетици милиони евра. Мора да се расчисти начинот на кој што се вработуваа роднини на функционери на СДСМ во СЈО, начинот на кој што се ангажирани вештаци без лиценци или пак се исплаќале лица кои требале да го подобруваат имиџот на институцијата. Најпосле, мора да се расчисти и со начинот на кој што се обезбедувани изјави за кои сега гледаме дека се повлекуваат со образложение дека биле дадени под притисок. Најважно од се почитувани, власта не смее да бега од истраги со кои што ќе се решат прашањата кои и денес ја мачат Република Македонија, безбројните афери за криминалните приватизации, за оставањето на улица на над 300.000 работници, за сите бонбона бизниси и испитување на стекнувањето богатства на низа транзициски политичари кои што и сега се збиени во власта. Министерството за правда имаше долго време за изработка на квалитетно законско предлог решение кое го потроши залудно. Ако власта и министерството сметаат дека консензус значи земи или остави во 5 минути, тогаш имаат погрешна перцепција за тоа како функционира демократијата и како треба да функционира правниот систем, вели Стоилковски.