Актуелно 14.09.2018 18:44

Стоилковски: Заев јавно поткупува гласачи, нема кој да го казни

Стоилковски: Заев јавно поткупува гласачи, нема кој да го казни

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција истакна дека  правдата и законите во Македонија не важат подеднакво за сите.

-Особено не за премиерот со зајачко срце Зоран Заев и неговата клика. Тој може отворено да повикува на криминал, а нема кој да го санкционира. И втор ден поминува без никаква реакција од Јавниот обвинител за отвореното признание на Зоран Заев дека поттикнува и нуди поткуп за купување на гласачко право! Ова е срамно и понижувачки за правниот систем во Република Македонија, ова е срам за Јавниот обвинител, за Обвинителството, за Народниот правобранител, за судиите! Признанието на Заев е потврда на кривично дело кое во правниот систем на Република Македонија е опфатено во најмалку четири Закони: Кривичниот Закон, Законот за спречување на корупцијата, Изборниот Закон, Законот за референдум. Ова е кривично дело кое директно удира врз највисокото демократско право, а тоа е правото на избор. Што не е јасно за Јавното обвинителство?, прашува Стоилковски.

Партискиот портпарол вели дека според член 162 од Кривичниот закон: Поткуп при избори и гласање, се вели: „Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава, или ветува подарок или друга корист со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

-Во членот 160 од Кривичниот закон – Повреда на слобода на определување на избирачите, се вели: „Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор од најмалку три години“. Заев отворено признава дека се видел со бизнисмен кој му кажал дека ги присилува работниците, преку, го цитирам Заев – „Испратив порака до работниците, да излезат сите и да гласаат на референдумот“. Потоа додава, цитирам, „И не само тоа, вети дека ќе даде и некоја награда плус на работниците“. Следува повторно цитирам, „Имаме директори на компании во Македонија, Македонци кои велат „ќе дадеме уште една екстра плата затоа што и за мојата фирма се отвора перспектива“. Заев не застанува тука и трга и во порака со поттикнување и закана, цитирам „Јас апелирам до сите бизнисмени ајде, почастете ги малку работниците. Сега ова е важно и за компаниите и за граѓаните и за државата. Ако некој има, газдите имаат, бизнисмените имаат можат малку да отворат ќесето повеќе“, нагласува Стоилковски.

Тој посочи дека ова е директен повик за поткуп, законите се јасни.

-Ова е дело според најмалку четири Закони кои ја регулираат материјата поткуп во изборни цели. Уште повеќе, само два дена пред ова признание, Заев го наведува и мотивот за ова кривично дело, за овој отворен повик и поттик за поткуп на гласачи. Заев среде Делчево вели „Од штабот ми викаат, „Фали во Источна Македонија“, уште фалат бројките – со што ги потврдува сите анализи дека неговата политика за капитулацијата нема поддршка и дека тргнува во отворен поткуп кон целта. Зар нема мотив, зар нема признание, зар недостасува историја, досие на Заев за криминални дело поткуп? Зошто молчи обвинителството, или чека да заврши референдумот? Колку и да се клиентелисти и под притисок Јавниот обвинител и правниот систем, за ова мора да има кривична одговорност. Светот ве гледа, а наскоро оваа розова приказна ќе заврши. Што не е јасно ни за Народниот правобранител? Залудни се отворени телефони, кога се остава вака јавно лицитирање со правото на глас на граѓаните! Членот 162, став 2 од Казнениот Законик вели – „Со казната од ставот 1 ќе се казни и лице со избирачко право кое ќе бара за себе подарок или друга корист, или ќе прими подарок или друга корист за да го врши, не го врши или како да го врши избирачкото право“. Срамно е за Правобранителот да молчи и ги доведувате граѓаните во положба на пониженост и мораат под уцена да вршат кривично дело, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Стоилковски посочи дека доколку Обвинителството и другите институции продолжат да молчат, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава.

Најнови вести