Актуелно 28.06.2018 12:28

Струмичките земјоделци реагираат: Задоцнета е субвенцијата, доматите останаа во нивите

Струмичките земјоделци реагираат: Задоцнета е субвенцијата, доматите останаа во нивите

Мерката за дополнителни субвенции од четири денари за килограм домати е добра, но задоцнета, реагираат дел од струмичките земјоделци. Според нив ваквата мерка ќе имала ефект доколку истата била донесена пред петнаесетина дена кога производството беше во полн ек, а поради слабиот откуп голем дел од доматите останале по нивите.

-За поздравување е мерката, но за жал веќе е со задоцнување. Доматот остана во нивите, а мерката ја донесоа. Тоа треба да се реагира на време, вели Драги Памуков од Земјоделското здружение Кукла градинар – Куклиш.

Според Памуков дополнителните субвенции нема да имаат некој посебен ефект бидејќи бербата на раниот домат веќе била во завршна фаза, а преостанатите количини многу мали.

Тој смета дека состојбата ќе била ублажена доколку најавената мерка важи и за производството предадено во откупните центри, а не само кај преработувачите.

– Еве нека дадат и на откупот кој влегува во магацините за извоз и таму нека дадат мерка , не само за преработувачкиот капацитет и овде мислам дека можеби ќе дојдеме до една производна цена каде што во некој реален свет би биле малку покриени, вели Памуков.

Пред три дена Министерството за земјоделие најави дека ќе го помогне откупот на доматите со интервентна субвенција од 4 денари за килограм.

Субвенцијата се однесува за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети. Според МЗШВ на овој начин со постоечката дополнителна субвенција за предаден зеленчук во преработувачки капацитети од 3 денари за килограм, производителите на домати ќе добијат вкупно 7 денари субвенција за предадени домати.