Гордана Јанкуловска ќе остане без адвокатот Боро Тасевски, откако тој денеска ја напушти судницата по заканата на судијката Добрила Кацарска дека ќе ги казни со високи казни, него и адвокатката Сања Алексиќ, кои не се појавија на почетокот на судењето за „Тенк“ затоа што половина час пред ова, почна судењето за „Шамарите во Центар“ каде што се ангажирани како бранители, пишува порталот Сведок.
Судењето за „Шамарите“ беше закажано за во 9.30 часот, а за „Тенк“ во 10 во новата и старата зграда на скопска единица. Адвокатите Сања Алексиќ и Боро Тасевски кои ја бранат Јанкуловска не се појавија на почетокот на судењето на „тенк“ бидејќи во „Шамарите“ се сослушуваше сведок.
Тие се појавија со 20 минути задоцнување, откако судијката Добрила Кацарска се закани дека ако не се појават за 5 минути ќе ги казни со високи парични казни, а на обвинетата Јанкуловска ќе и одреди адвокат по службена должност.
-Или да се јави еден адвокат, или ќе ги казнам и двајцата со висока парична казна и ќе ви назначам бранител по службена должност, и рече Кацарска на Јанкулоска, барајќи од неа да им се јави и да ги повика.
Но, адвокатот Боро Тасевски набрзо ја напушти судницата, објаснувајќи дека најверојато ќе и го откаже полномошното на Јанкулоска, бидејќи е ангажиран во повеќе предмети на СЈО, за кои рочиштата се преклопуваат.
На денешното рочиште за „Тенк“ исказ треба да дадат шест сведоци, вработени во МВР кои ја спроведувале јавната набавка.
Проблемот со адвокатите е актуелен деновиве, откако судијата Огнен Ставрев ги казни со по 1.000 евра адвокатите Димитар Дангов и Боро Тасевски, затоа што не се појавиле на судење кај него, а во исто време биле на други судења во истиот суд.
На реакцијата на Тасевски вчера дека е казнет, Кацарска, кај која беше на судење, му порача „дека нејзе не ја интересира што се случило во друга судница и да оди да реагира таму каде што го казниле, а не тука да и го оптоварува записникот со непотребни работи“.
Ваквото изживување на судиите врз адвокатите зазема загрижувачки размери, бидејќи во овие случи има објективни пречки кои ги наметнува самиот суд со закажување на 55 рочишта како во „27 април“, 18 рочишта во Тенк и другите предмети, а во кои предмети се ангажирани речиси истите адвокати, без да водат сметка дека тие термини се поклопуваат со другите судења од предметите на СЈО.
Од тука, не може да не се констатира дека судот сериозно на ваков начин го загрозува правото на одбрана, за што судот во Стразбур има донесено повеќе пресуди на кои се повикаа адвокатите. Тенденцијата на судско изживување во овие предмети се гледа во нивната некоординираност и себичност, бидејќи станува збор за судии кои судат во ист оддел и можат да ги искординираат термините да не се преклопуваат, но и да покажат флексибилност, како Кацарска која „глуми Господ“ и која можеше на пример да прифати судењето за Јанкуловска наместо во 10 часот, кога се преклопуваше терминот, да го помести во 13 часот, а како што им рече ќе работи до 18 или до 22 ако треба, бидејќи според нејзе, не се прекинува главна расправа поради истек на работно време, кое завршува во 15.30 часот за судовите, пишува Сведок.