Речиси една третина (29 проценти) од корисниците на роаминг од Македонија не ја знаат тарифата кога ја користат услугата, покажува последното истражување на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Во последните 12 месеци 18 проценти од населението користело роаминг. Мал дел од испитаниците (17 проценти) што знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг и од нив 20,4 проценти го користеле. Мнозинството од корисниците на регионален роаминг (80 проценти) сметаат дека тој е значително поевтин.
Најслабо запознаени со роамингот се лицата што имаат основно или пониско образование (54,7 проценти не знаат што е роаминг) и лицата постари од 60 години (54,6 проценти не знаат што е роаминг). Повеќе од половина од испитаниците (59,3 проценти) што знаат што е роаминг не знаат дали имаат добра понуда за роаминг од својот оператор.
Според податоците од испитувањето на АЕК, во Македонија мобилна телефонија користи 95,8 проценти од населението, од кои 64,1 процент користат мобилен интернет, што е зголемување во однос на лани.
Задоволството кај тие корисници во однос на брзината на мобилниот интернет останува релативно иста (86 проценти), а цената и квалитетот се исто така на високо ниво како и во 2017 година.
Оне.ВИП, како што стои во наодите од испитувањето, е перцепиран како главен оператор кај 52,8 проценти од корисниците на мобилна телефонија, Македонски Телеком кај 46,5 проценти, а Lycamobile кај 0,9 проценти од корисниците. Процентот на корисници што се со двегодишен договор бележи мал пад од 1,7 проценти во однос на 2017 година и изнесува 58,4. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплаќаат за телефонски апарат (46,2 проценти) или пак го добиваат бесплатно (31,8 проценти) од испитаниците.
Телефонски приговори упатиле 11,8 проценти од корисниците на мобилна телефонија, а бројот на незадоволни корисници од одговорот е намален за 10,6 проценти во однос на 2017 година.
Роамингот најчесто се користи за СМС пораки – 74 проценти, па за разговори – 53,3 проценти, а послабо се користи интернетот – 18,7 проценти од испитаниците.
Во 18 проценти од случаите корисниците на роаминг добиле нереално висока сметка за роаминг и овој процент во однос на 2017 година бележи пад од 1,8 проценти. Повеќето од лицата што добиле висока сметка за роаминг сметаат дека висината на сметката се должи на користењето интернет и разговори (44,4 проценти), а потоа на испраќањето СМС пораки (18,5 проценти).
Писмен приговор упатиле 1,1% од корисниците на мобилна телефонија, од кои половина (50,0%) приговарале за висината на сметката. На повеќе од половина од испитаниците (66,6%) им е одговорено на писмените приговори кои ги поднеле