Актуелно,Економија 17.08.2018 15:09

Трајко Славески ќе ја раководи комисијата за изработка и систематизација на идеи и предлози за програма на ВМРО-ДПМНЕ

Трајко Славески ќе ја раководи комисијата за изработка и систематизација на идеи и предлози за програма на ВМРО-ДПМНЕ

На вчерашната седница на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше составена комисија за изработка и систематизација на идеи и предлози за програма кој ќе го предводи проф-др Трајко Славевски. Комисијата составена од професионалци и луѓе докажани во своите области ќе имаат за задача да ги систематизираат идеите и предлозите на граѓаните прибрани од непосредните средби со граѓани, преку теренските посети и активностите од „Летото за Македонија“ кое продолжува со несмален интензитет.

Воедно комисијата ќе отпочне консултации и со професори, експерти и докажани професионалци од повеќе области, како и преставници на целни групи се со цел да се изработи програма која ќе биде освежен и реален одговор на потребите на граѓаните.

Ќе бидат вклучени и комисиите на ВМРО-ДПМНЕ кои се составени од експерти од различните области.

ВМРО-ДПМНЕ свесна за деликатноста и тешката позиција во која се наоѓа нашата држава, незадоволството на граѓаните и напластените проблеми ќе понуди решенија кои ќе бидат излез од слепата улица во која власта ја турка нашата држава.

Програмата ќе биде со прецизни рокови и динамика на реализација и ќе понуди излез од напластените проблеми на граѓаните. Тоа ќе биде документ со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе се обврзе да ја избави државата од општествено, политичко економска криза во која се наоѓаме и пред се да се даде фокусот кон решавање на економските проблеми на граѓаните.

На седницата на Извршниот комитет беа именувани потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски за координатор на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ на територија на Република Македонија, како и членот на Извршниот комитет, Владимир Нелоски за координатор на сите советнички групи на ВМРО-ДПМНЕ кои се дел од советите на општините.