Мозаик 12.08.2018 12:36

Тунис последните неколку години беше непосакувана дестинација за одмор, но оваа година приходите од туризмот се зголемија за 42%

Тунис последните неколку години беше непосакувана дестинација за одмор, но оваа година приходите од туризмот се зголемија за 42%

Приходите од туризмот во Тунис се зголемија за 42% во првите седум месеци од годината на 554 милиони долари. Ова го соопшти ресорниот министер Селма Елуми Рекик во момент кога секторот се опоравува по двата големи терористички напади, пренесоа агенциите.

Откако беше избегнувана оваа северноафриканска земја поради нападите во 2015-та година на плажа во градот Сус, при што загинаа 39 туристи и во националниот музеј „Бардо“ во главниот град Тунис, во кој загинаа 21 лица, големите европски туроператори почнаа да се враќаат во оваа година.

Бројот на странците кои ја посетиле земјата, се зголемил за 23% до 4,4 милиони до 31-ви јули во споредба со истиот период од минатата година, рече на прес-конференција министерот.

Прогнозите се дека оваа година Тунис ќе биде посетен од 8 милиони туристи, што е повеќе од бројот на туристите пред нападите. Во 2014-та година, земјата ја посетиле 7,1 милиони туристи.

Иако во Тунис се уште е во сила вонредна состојба, неколку амбасади ги омекнаа своите совети за патување по двегодишното затишје. Туризмот е клучен двигател на економскиот раст на земјата, заземајќи удел од 7% од бруто домашниот производ (БДП), и скапоцен извор на валутата во момент кога властите се обидуваат да ја смират напорната социјална клима, меѓу инфлацијата и невработеноста, потсетува во својата анализа „France Press“.