Актуелно 07.03.2019 12:04

УЈП се уште не е подготвена за поврат на 15% од ДДВ на граѓаните

УЈП се уште не е подготвена за поврат на 15% од ДДВ на граѓаните

УЈП се уште не е подготвена за мерката поврат на 15% од ДДВ на граѓаните. Откако премиерот Заев вчера најави дека по подолго одлагање, проектот сигурно ќе стартува на први јули, од УЈП велат дека работните групи во наредниот период ќе ги утврдуваат деталите за кои производи ќе може да се враќа данок и колкави ќе бидат лимитите. Управата се уште нема информации дали ќе може да се добие поврат на ДДВ само преку мобилен телефон или на некој друг начин.

„УЈП и Министерство за финансии уште од лани прават анализи. Во одредени држави овој проект се спроведува не целосно и не како што ние сме го замислиле. Разгледуваме споредбени искуства на кои производи, до кој износ да лимитираме за враќање на ДДВ“, изјави Лукаревска.

Заев најави дека на самиот старт на мерката, на граѓаните ќе им се вратат 60 до 100 милиони евра или 30 до 50 евра по граѓанин. Тоа значи дека едно четиричлено семејство ќе добие максимум 200 евра годишно, што е помалку од неговото ветување за поврат на 500 евра од ДДВ годишно.

Управата за јавни приходи тврди и дека успешно се справува со сивата економија и покрај тоа што вчера премиерот призна дека државата не може да собере 30% од потенцијалните даноци. Новото законско решение што предвидува кафеаните, рестораните и обложувалниците да можат да сторнираат сметки максимум 15 минути по трансакцијата, делумно ќе го решел проблемот – тврдат од УЈП. Лани од извршени над 7 илјади контроли, биле откриени 826 неправилности.