Мозаик 22.11.2018 05:21

Вашиот прв работен ден

Вашиот прв работен ден

Повеќето работодавачи практикуваат сите нови вработени прво да поминат низ пробен или тест период, кој трае најчесто 3 месеци.

Во тој период вие треба да докажете дека можете да ги извршите сите задачи и да оставите добар впечаток кај вашиот работодавач и тимот со кој работите.

ЕДНА НЕДЕЛА ПРЕТХОДНО
Потврдете ја датата.
Една недела пред да започнете со работа, потврдете ја датата на која треба да се појавите на работното место. Исто така информирајте се и за точната локација на фирмата.

Планирајте го транспортот.
Ако одите со автомобил, дознајте каде можете да паркирате во околината или дали фирмата има свој паркинг. Доколку користите јавен транспорт, планирајте го вашето патување, за да не си дозволите да доцните.

Дознајте каков е дрес-кодот.
Информирајте се за тоа дали фирмата има одреден дрес-код кој треба да го почитувате и подгответе си соодветна облека.

Сменете си ја навиката за спиење.
Започнете да си легнувате порано и да станувате порано, како што тоа ќе го правите кога ќе започнете на работа. Навикнете се да станувате рано, ако тоа не ви било навика и досега.

Научете повеќе за компанијата.
Истражувајте по весниците и на интернет и пронајдете колку што можете повеќе за дејноста на компанијата и сферата во која функционира. Така ќе бидете поспремни и посамоуверени на првиот работен ден и нема да се чувствувате како изгубени.

НА САМИОТ ДЕН

Внимавајте со облеката.
Најдобро е на првиот работен ден да носите конзервативна облека. Не би требало уште на почетокот да се истакнувате, за да не соберете злобни погледи. Професионалниот, конзервативен изглед секогаш помага.

Избегнете ги озборувањата.
Многу е веројатно дека вие ќе бидете основна тема на озборувањата тој ден. Но, ако случајно пред вас започне непријатен муабет, љубезно извлечете се. Сигурно не сакате уште веднаш да ви стават етикета на оговарачка.

Внимавајте на јазикот на телото.
Кога комуницирате со вашите нови колеги, внимавајте на знаците кои ги испраќа вашето тело. Бидете опуштени и изгледајте самоуверени. Воспоставете директен контакт со очите и насмевнувајте се.

Не плашете се да прашате.
Нормално е да поставувате прашања на првиот работен ден. Тоа нема да ве направи да изгледате неспособни. Подобро е да прашувате и да знаете како се прават работите, отколку да претпоставувате дека знаете, а всушност да правите сè погрешно.

Најнови вести