Малку шега на туѓа сметка е една работа, но злонамерното потсмевање и исмејување на другите е нешто многу поразлично и поопасно.
Иако потсмевањето меѓу врсниците е вообичаена работа, таквиот потсмев знае да остави трајни последици кај оние на кои ваквите зборови им се упатени.
Мајтапењето е форма на вербално малтретирање, а подразбира навреди, потсмев и правење невкусни шеги на сметка на некој друг. Ако на другите им се потсмевате или правите невкусни шеги поради нивната боја на кожата, големиот нос, сиромаштијата, успехот во училиштето, облеката, вие всушност ги навредувате нивните чувства, правата на различност, слободата и изборот.
Потсмевањето започнува во група
Мајтапењето обично започнува во група и го започнуваат воглавно оние, најголеми кукавици кои силата ја добиваат од групата. Затоа што ако ја немаат поддршката од истата, тие никогаш не би се осмелиле да ги изговорат тие зборови. Мајтапењето предизвикува потсмев, и затоа многумина кои задеваат други се изненадени кога подоцна стануваат предмет на некое друго мајтапење. Било кое етикетирање на другите остава сериозни последици на детето. Со мајтапењето се поткопува самодовербата, а детето се сретнува со страшно чувство на отфрленост.
Некои деца ќе се спротивстават на оваа форма на агресија, а другите ќе се повлечат од страв да не се доведат во ситуација да станат предмет на потсмев. Малите деца не го прават тоа намерно, и на таа возраст, всушност не знаат дека така можат да ги повредат чувствата на другите деца. Подоцна, особено во тинејџерските години, подигрувањето може да предизвика и сериозни последици. Бидејќи, во овој период чувството на прифатеност од друштвото е најважното нешто за нив, а исмејувањето и потсмевот не одат во корист на тоа. Исто така, со развојот на технологиите потсмевот доби една сосема нова димензија, а социјалните мрежи се доказ за тоа колку исмевањето е присутно.
Вербалната војна ја отвора вратата за други војни
Родителите и училиштата треба да ги учат децата да ги почитуваат и да ги прифатат различностите. Не си дозволувајте да бидете иницијатор на поттикнување на мајтап, но и не учествувајте во нив. Така можете да покажете само ниско ниво на интелигенција, лошо домашно воспитување и недостаток на емпатија.
Наместо со страдање и со чувство на отфрленост, на мајтапењето е најдобро да се одговори со остри шеги, со ведар ум, а понекогаш, доколку е потребно, да се покажат и забите. Не бидете жртва на потребите на другите луѓе за омаловажување и научете да им се спротивставите на овие, не толку наивни шеги.
Не ја наведнувајте главата!