Прилепска „Витаминка“ успеа да ја санира состојбата кај добивката, која сега е за 15 одсто повисока споредено со ефектот остварен во минатогодишниот деветмесечен период, наспроти значителниот пад од 75 отсто кој беше забележан на крајот од вториот квартал. Иако има намалување кај приливите од продажбата, сепак важно е што и трошоците се во тренд на опаѓање. Освен тоа, не треба да се заборави ниту на владините мерки и замрзнатите цени со кои е опфатено и маслото за јадење „Брилијант“.
Во тој контекст и согледувањето на прехранбената индустрија „Витаминка“ дека со работењето од јануари до септември е постигнат позитивен финансиски резултат. Притоа, чистата добивка е во износ од 22,907 илјади денари, односно 369,6 илјади евра.
Вкупни приходи, се наведува во финансискиот извештај, бележат незначителен пад од 14 проценти и изнесуваат 2,458,227 илјади денари, или близу 39,7 милиони евра. И, со 99 отсто се приливи остварени од продажбата сопствените производи и услуги од основната дејност.
На другата страна, кај трошоците, за деветте месеци се евидентирани 2,327,814 илјади денари/над 37,5 милиони евра. Намалени се за 23 проценти во однос на споредбениот период. „Висината на вкупните расходи е во корелација со работењето во деветмесечието од 2023 година“, наведуваат од компанијата.
Исто така, од „Витаминка“ посочуваат дека во тој перод биле преземени соодветни активности во однос на прилагодување и почитување на владините мерки за продажба на сончогледовото масло за јадење. Притоа, се делува во насока за амортизирање на негативните ефекти врз континуираното деловно работење, предизвикани од воените и економските кризи.
Производите на „Витаминка“ од грицки и инстант пијалаци, преку зачини, па се до маслото, намазите и сосовите, се добро познати на домашниот простор, но и надвор од државата. Речиси половина од производството се пласира на пазарите во триесеттина земји низ светот, па затоа компанијата успешно се развива скоро седум децении.