– Тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата ќе објави денеска Владата на кој ќе може се доставуваат понуди до 3 декември годинава.
На тендерот може да учествуваат сите 28 домашни лиценцирани снабдувачи со електрична енергија во соработка со други компании од државава и странство. Тие ќе конкурираат со износот на маргината, а критериуми за учество се и финансиски капацитет од најмалку 20 милиони евра и билинг систем за испорачување сметки. Од Владата очекуваат изборот на универзалниот снабдувач, како категорија која се воведува за заштита на цената на струјата за домаќинставата, да заврши до Нова година и веќе од 1 март следната година снабдувањето да се одвива преку него.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на прес-конференција информираше дека државната Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во наредните пет години треба да биде столб на заштита на цената на струјата за граѓаните, со давање процент од производството на универзалниот снабдувач. И натаму ќе важи евтината тарифа за домаќинствата, за кои според очекувањата на Владата по изборот не би имало промени кај сметките за струја која би останала во рамки на сегашниот просек од 72 евра по мегават час.
Анѓушев соопшти дека со новите правила е утврдено ЕЛЕМ, 80 проценти од своето производство следната година да даде на универзалниот снабдувач. Тој износ ќе се намалува секоја година за 10 проценти односно во 2025 година 30 проценти од производството на ЕЛЕМ ќе биде наменето за домаќинствата.
– Ако се земе предвид дека 40 до 50 проценти од производството на ЕЛЕМ е доволно за задоволување на домаќинствата тоа значи дека интересот на граѓаните е заштитен во следните пет години. Ако со претходниот закон кој предвидуваше целосна либерализација до 2020 година доколу цените на берзите пораснат граѓаните можеа да претрпат одреден шок сега со овој механизам онака како што ветивме како Влада нема да го претрпат такво нешто, рече Анѓушев.
Универзалниот снабдувач нема да презентира трошоци пред Регулторната комисија за енергетика кои таа би ги прифаќала и кои понатаму би влегувале во цената на електрична енергија. – За да се избегне каква било субјективност во тендерот е предвидено да има само маргина во која учесникот ќе треба да си ги вкалкулира сите трошоци, потенцира вицепремиерот.
Изборот на универзалниот снабдувач ќе се изврши по пат на електронска аукција, а претседател на надлежната Комисија избор во интерес на транспарентноста на постапката ќе биде член од Македонската академија на науките и уметностите покрај кој ќе членуваат и претставници на Владата, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика.
Универзалниот снабдувач ќе се избира еднаш на пет години. Во случај на неуспех на постапката, според Анѓушев, ќе важат сегашните правила за снабдување со струја.
Универзалниот снабдувач се однесува само за домаќинствата, а согласно со новиот Закон за енергетика, покрај големите компании струја на слободниот пазар ќе набавуваат и микро, малите и средни претпријатија кои сега плаќаат индустриска цена на струјата. За таа категорија има очекувања да постигне пониска цена од сегашната. Новиот закон предвидува кој било клиент на пазарот на електрична енергија да може да го смени снабдувачот.