Македонија бележи застој во борбата против корупцијата. Законот за спречување на корупцијата не ги дава посакуваните резултати, а институциите кои се надлежни за борба против оваа појава, не функционираат како што треба. Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, вели дека актуелниот закон за спречување на корупцијата е фокусиран на една тендерска фаза и оти остава простор за маневри во почетната и завршната фаза.
Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје, оценува дека новата влада се уште не успеала да ја спречи корупцијата, иако вели дека е приоритетно прашање. Тој ја истакна важноста на борбата против корупцијата во оваа фаза, кога земјата се стреми кон евроинтеграциите.
„Борбата против корупцијата е приоритет на Владата, но сепак последната година не гледам напредок. Направените анкети покажуваат зголемување на корупцијата во Македонија и дека граѓаните се песимисти дека корупцијата може да се спречи. ЕУ очекува вашата држава да рефлектира позитивно во спречување на корупцијата“, изјави Никола Бертолини- делегација на ЕУ.
Од Министерството за правда велат дека преземаат мерки за борба против корупцијата, признавајќи го фактот за потреба на реформите во Државната комисија за спречување на корупцијата.
Објавените анализи во текот на дебатата покажуваа дека 80% од компаниите кои учествуваат на тендери се сомневаат за корупција, но само 7% од нив поднесуваат поплаки. Анализите исто така покажуваат дека често се случува на тендер да се пријави само една компанија, поради нелогичните услови за аплицирање. Според аналитичарите, ова се прави со цел да им се оневозможи на компаниите да конкурираат. Таков случај бил лани во Тетово кога општината објавила конкурс за адвокат, со услов истиот да поседува 32 годишно искуство и да работел во најмалку две општини во минатото. Единствениот кој ги исполнуваше критериумите беше адвокатот кој ја застапувал општина Тетово претходно.
Извор: Алсат