Република Македонија под водство на СДСМ забрзано оди кон банкрот. Министерството за финансии вчера се задолжи за над 16 милиони евра, тоа е второ задолжување во текот на месец мај, откако минатата недела власта позајми 9 милиони евра, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Неоснованото задолжување, допринесе јавниот долг да надмине 5 милијарди евра, додека државниот 4 милијарди. Само во првите три месеци од годината ново генерираниот долг изнесува над 300 милиони евра, а при тоа нема ниту една капитална инвестиција, а економијата е во тоне. Градежништвото, еден од носечките столбови на економијата е во пад. Бројот на издадени градежни дозволи е за 45% помал, а истовремено нивото на реализирани капитални инвестиции во првиот квартал од 2018 година е само 7.4%, ова е јасен показател дека економијата тоне. Економските услови се се полоши, покачувањето на акцизата на нафтените деривати е дестимулативно за економијата, исто како и најавеното покачување на данокот на доход, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека власта не знае да ја води државата.
-Република Македонија, со СДСМ на чело само може да стагнира. Додека картелот неконтролирано се задолжува, сиромаштијата се повеќе се зголемува. Платите наместо да растат се намалуваат, во месец февруари просечната плата падна за 867 денари, нема покачување на социјалната помош, нема покачување на пензиите, нема покачување на платите. Граѓаните се излажани и изманипулирани. Оваа неодговорно однесување мора да запре. Државата и граѓаните заслужуваат подобро, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.