Потпишан Договорот Влада со Влада за политичка и економска соработка со Обединетото Кралство, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
- Со потпишувањето на овој документ, на Македонија ѝ се ставаат на располагање 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори. Стратешко партнерство со Обединетото Кралство е чекор плус, кој ќе ја доведе Македонија на ново ниво на развој. Потпишувањето на договорот значи унапредување и развој во клучни сектори како инфраструктурни проекти во транспортот, образованието, животната средина, ИТ секторот и здравството. Веќе се подготвени три проекти за имплементација: изградба на брза железница на Коридорот 10, нови болнички капацитети, и нови образовни установи. Дополнително, се најавуваат и идни проекти во енергетиката и екологијата. Во делот на образованието, во првиот бран, веќе има два проекти, тоа е изградба на нов медицински факултет во Штип и вториот проект е изградба на студентски дом во поддршка на факултетот со најмалку 200 легла. Веќе се договорени два типа на проекти за работа. Едниот е реконструкција, модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата којашто е дел од коридорот 10, од Табановце до Гевгелија. Во делот на здравството, конечно завршување на болницата во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со оваа финансиската поддршка, Македонија ќе има корист и од британското административно и бизнис искуство, што ќе придонесе за унапредување на домашната јавна администрација и приватен сектор, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.