Актуелно 26.07.2018 10:25

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е во коалиција со криминалот и го штити, градоначалникот – шверцер беше ослободен од притвор

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е во коалиција со криминалот и го штити, градоначалникот – шверцер беше ослободен од притвор

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение истакнуваат дека СДСМ е во коалиција со криминалот и го штити, особено кога нивни функционери стојат зад истиот и се дели пленот.

-Јавноста вчера беше сведок на уште една фарса во режија на Зоран Заев. Во присуство на неговиот адвокат како бранител, градоначалникот – шверцер беше ослободен од притвор. Јавниот обвинител, исто како во случајот на Зоран Заев го преквалификува обвинението. Недостасуваше уште да се извини што му го нарушиле мирот и морале да го вознемируваат додека тој криумчарел. Нормално, кога е партиското обвинителство и судство во прашање, нема испитување на потекло на имотот, нема заплена на истиот, ниту информации со кого контактирал вечерта кога е фатен во криминал, се вели во соопштението од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека вчера партиското судство на СДСМ донесе уште една срамна одлука, и го амнестираше градоначалникот на Ново Село од редовите на СДСМ, Боро Стојчев за шверц со цигари.

-Со вакво обвинителство и судство кое работи по партиска команда, никогаш нема да бидат достигнати европските стандарди. Тоа е цената што ја плаќа Македонија, за да може Заев и криминалниот картел на власт безмилосно да ја ограбуваат државата и граѓаните. Затоа одговорните за двата скандали тешки 45 милиони евра во здравство и фондот за иновации уште одат на работа, влакно не им фали и имаат можност да ги прикријат трагите. Заев и СДСМ од судството прават фарса, а институциите кои треба да го гонат криминалот во државата, служат за одбрана на истиот. Вчерашната пресуда е доволен доказ дека Македонија е заробена држава во која целосно е урнисан правосудниот систем, а обвинителството и судот се под целосна контрола на Зоран Заев и СДСМ, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ ваквото уништување на правниот систем, Заев го компензира со продажба на највисоките државни и национални интереси.

-Зад бришењето на се што е македонско со капитулантскиот договор кој Заев го склучи со Грција се крие општ грабеж во државата. Во моменти кога се брише македонското име, јазик, култура, историја СДСМ се обиде од граѓаните да украде 45 милиони евра пари на граѓаните за само неколку дена. Се краде безмилосно и безсрамно, на најбрутален и најсвиреп начин, а паралелно се распродаваат националните и државните интереси. Додека милиони државни пари се делат на медиуми, државни и партиски функционери на СДСМ, граѓаните се доведени до питачки стап. Економијата во Македонија тоне, а тоа го покажуваат сите економски показатели. За сето време Тевдовски безмилосно ја задолжува државата со цел исплата на долговите кон партиските послушници, за што цената на крајот ќе ја платат граѓаните. На ова лудило мора да му се стави крај. Правната држава мора да се врати, а сите оние кои сега се амнестирани од партиското судство на СДСМ, ќе ги стигне правдата и ќе одговараат за криминалот. Ќе одговараат и тие кои ги злоупотребуваат службената положба и овластувањата и се ставаат во заштита на криминалниот картел на власта. Само така Македонија ќе победи, се наведува во соопштението на партијата.

Најнови вести