СДСМ предреферендумски ги манипулира граѓаните исто како што ги излажа пред изборите. Билбордите низ државата кои ветуваат бесплатно здравство кога ќе влеземе во ЕУ се лага. Во ЕУ здравството не е бесплатно, ЕУ не е комунистичка творевина, туку економски сојуз на држави каде се си има своја цена. СДСМ лаже и ја злоупотребува ЕУ, го погани нејзиното име за да ја оправда срамната капитулација која ја потпиша, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата соопштуваат дека Владата на Заев ја понижи Република Македонија и ги урна преговарачките позиции кои беа градени со години од сите влади од независноста до денес.
-Погазено е и меѓународното право и Хашката пресуда во корист на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е за влез во ЕУ и НАТО, но не и за овој договор, кој не можеме да го прифатиме. Овој договор предизвикува само обврски и прави штета на Република Македонија и затоа ВМРО-ДПМНЕ неможе да го прифати. Прашањето за промена на името не е прашање кое може да го реши било кој политичар, тоа е прашање за кое може да одлучи единствено народот, токму затоа на слободната волја на народот е како тој ќе се постави во однос на ова прашање, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека СДСМ треба да престане да манипулира и да ги злоупотребува евроатлантските институции за да го турка нејзиното срамно капитулантско дело.
За целиот овој хаос што и го приреди СДСМ мора да сносат и одговорност. Одговорност ќе има.