СДСМ веќе трета недела бега од предвремени парламентарни избори. СДСМ и аболицираниот Заев бегаат од соочување со граѓаните. Бегаат од истите оние 1,2 милиони граѓани чија волја не ја испочитуваа по неуспешниот референдум за промена на уставното име, идентитетот, јазикот и историјата. СДСМ упорно бега од гневот на граѓаните за неостварените ветувања и разочарувањата кои тие им ги сервираа на своите гласачи, ова денеска преку соопштение го потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Стравот на криминалната и одродена власт од волјата на граѓаните е разбирлив со оглед на пустошот кој за само две години го направија во нашата Македонија. Стравот е огромен поради неостварените ветувања за петстотини евра просечна плата, решение на проблемот со аерозагадувањето кое годишно зема илјадници животи, враќање на младите назад во државата, поголеми пензии и таканаречено едно општество за сите. Од просечната плата од 500 евра нема ни трага ни глас, главниот град Скопје редовно е во топ десетте најзагадени градови во светот, повеќе од 80 проценти од младите сакаат да ја напуштат државата, растот на пензиите е замрзнат, а наместо едно општество за сите, македонското општество никогаш не било по поделено. Единствено нешто во кое СДСМ ги обедини граѓаните е сиромаштијата, со оглед на фактот што над 400 илјади граѓани живеат со по еден оброк дневно. Граѓаните се осиромашени со погубните политики на власта и економија кога е во слободен пад, зголемени давачки кон државата, пазарџии оставени без своето парче леб, потенцираат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека на граѓаните им е доста од црнилата олицетворени во власта на аболицираниот Заев., граѓаните ја чекаат зората, чекаат подобро утро. Граѓаните се погласно бараат реални политики и решенија за нивните проблеми, на местото на лагите и манипулациите сервирани од актуелната власт. Зората доаѓа, зората која ќе ги порази црнилата, зората која ќе го испрати Заев и неговата тајфа тразнициони политичари на маргините на историјата.