Актуелно 17.11.2018 14:41

ВМРО-ДПМНЕ со препораки за намалување на загадувањето: Неспособноста на СДСМ, граѓаните ја плаќаат со сопственото здравје

ВМРО-ДПМНЕ со препораки за намалување на загадувањето: Неспособноста на СДСМ, граѓаните ја плаќаат со сопственото здравје

Воздухот е се позагаден, а најодговорните Заев, Шилегов, а тука би ги споменала со не помала вина и битолската градоначалничка Петровска, и струмичкиот „татко“ Јаневски, но и сите останати неодговорни со ист статус и функција, за нивната незаинтересираност за преполните клиники со деца и возрасни, кои пак токму со сопственото здравје ја плаќаат нивната негрижа, вели Виолета Ковачевиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

-Владата на СДСМ продолжува со својата неодговорна политика во однос со најгорливото прашање – загадениот воздух. Во услови на температури од 20°Ц во тек на месеците октомври и ноември, највисоки во последните 20 години, имаме и рекордна загаденост на целата територија на Република Македонија со ПМ честички. Згора на тоа, секој ден има исклучување на мерните станици од државниот мониторинг систем, со оправдување дека се на сервисирање.  Станиците со месеци се или на сервисирање или на калибрирање, а граѓаните се оставени на своја кожа да чувствуваат колкава е загаденоста. Ваква несериозност на надлежните институции, како на државно, така и на локално ниво, не е забележана досега. Оние чија крилатица на последните избори беше „чист воздух“ и „живот“, со ветување дека ќе ја средат веднаш состојбата со загадениот воздух, сега прстот го вперуваат во граѓаните. Граѓаните им се виновни затоа што не можеле да ги исполнат нивните високи стандарди. Наместо глумење на лудило и апсурдни маршеви, какви што гледавме лани кога токму горепосочените протестираа против самите себе, Комисијата за Животна средина на ВМРО-ДПМНЕ изготви препораки за подобрување на состојбите, истакна таа.

Ковачевиќ  презентираше дел од нив кои интервентно треба да се преземат.

1.Конкретно во буџетот за 2019 година да се обезбедат средства за најмалку 3 статични и 4 мобилни мерни станици.

Статичните мерни станици да бидат поставени во: Битола, во близина на РЕК, Кичево и во близина на „Дризла“.

Мобилни мерни станици да бидат поставени во Радовиш, Прилеп, Гостивар, како и во Петровец. Ваквата распореденост, во близина на рударските капацитети, каменоломи и аеродромот, е со цел да ги контролираат состојбите во тие градови и општини.

Секако, до периодот потребен за нивна набавка и поставување, да се обезбеди покриеност со мерење, со инструменти во сопственост на универзитетите во Република Македонија, заради континуитет во  информирањето.

2.Да се обезбедат субвенции во износ од 50% за набавка на електрични и хибридни возила во поголемите градови во првите 3 години, а потоа мерката да се прошири и во останатите средини.

3.Да се обезбедат средства за набавка на печки на пелети и пелети, а тие средства да бидат обезбедени во буџетот за 2019 година, како најинтервентна мерка.

4.Наместо субвенционирање во набавка на дрва на социјално загрозените семејства, да им се исплатат средства за сметките за потрошена електрична енергија.

5.Да се забрани употреба на петрол, кокс, особено во услови на грејна сезона.

6.Да се овозможи, со поддршка на МВР, пренасочување на движењето од централните градски подрачја на товарните возила и градежните машини, во услови на загаденост.

7.Да се започне во 2019 година со градба на секундарната гасификациона мрежа, паралелно со примарната.

8.Да се врши редовна контрола од надлежните инспекциски служби на котлите за горење и оџаците.

9.Во услови на загаденост над Мерните дозволени концентрации, во тек над 7 последователни дена, да се овозможи бесплатен градски превоз, додека трае загадувањето.

10.Инспекциските служби, како на државно, така и на локално ниво, да работат во зимски услови 24 часа и јавно, секој ден со име и презиме, да ги обзнанат најголемите загадувачи и, согласно тоа, мерките кои ги презеле.

11.Да се чистат сите диви депонии, особено да се инспектираат секојдневно оние локации каде што се пали отпадот со намера и да се изречат казнени мерки.

12.Да се овозможи целосна бесплатна здравствена заштита, на граѓаните, посебно на децата и хронично болните, за кои е констатирано дека причината е загадувањето.

-Ова се само сет од мерките што во прва фаза ги предлага Комисијата за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, а кои ги имаше во партиската програма. Граѓаните и овој пат се сведоци на лагите и неспособноста на владата на СДСМ, бидејќи ЕУ бара и се залага секоја земја кандидат, со особен акцент да биде посветена на овие прашања. Да бидеме јасни: неспособноста на СДСМ, граѓаните ја плаќаат со сопственото здравје. И затоа време е одговорните или да почнат да работат или да си заминат, истакна таа.